Европската комисија го истражува „Гугл“ поради недозволена употреба на ВИ-содржини
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Само што ја казни социјалната мрежа „X“, Европската комисија отвори нова формална истрага против уште една технолошка компанија. Овој пат под лупа на Брисел повторно се најде „Гугл“, а од Комисијата велат дека сакаат да откријат дали компанијата ги прекршила правилата за конкуренција на Европската Унија. Истражувањето е насочено кон начинот на кој „Гугл“ ја користи содржината на веб-издавачите, како и содржината поставена на нивната видеоплатформа „Јутјуб“, за развој на вештачката интелигенција.
Недозволено користење
Главната цел е да се утврди дали компанијата го нарушува пазарното натпреварување преку наметнување неправедни услови на издавачите и креаторите на содржина, или пак преку обезбедување привилегирана пристапност до таа содржина за себе, со што се доведуваат во неповолна положба другите компании што развиваат ВИ-модели.
Комисијата изрази загриженост дека „Гугл“ можеби ја користел содржината на веб-издавачите за ВИ-цели, конкретно преку алатките „ВИ оуверјвус“ и „ВИ моуд“ без соодветен надомест за издавачите. „ВИ оувервјус“ прикажува резимеа генерирани од вештачка интелигенција над органските резултати на пребарувањето, додека „ВИ моуд“ функционира како пребарувачка картичка слична на чет-бот.
Комисијата сега ќе истражува дали генерирањето на резултатите во овие услуги се базира на содржината на издавачите, без можност тие да ја одбијат таквата употреба. Одбивањето, како што се чини, би резултирало со губење пристап до гугл-пребарувањето, на кое многу издавачи значително се потпираат.
Ограничувања за конкуренцијата
Друг клучен дел од истрагата се однесува на видео и друга содржина поставена на „Јутјуб“. Се сомнева дека „Гугл“ ги користи тие податоци за тренирање на своите генеративни ВИ-модели без надомест за креаторите и без можност тие да одбијат таква употреба. Креаторите на јутјуб-содржини се обврзани да му дадат дозвола на „Гугл“ за користење на нивните податоци за различни цели, вклучувајќи тренирање на ВИ-модели, и не им е дозволено поставување содржина ако не се согласни на тие услови. Истовремено, политиките на „Јутјуб“ ѝ забрануваат на конкуренцијата да ја користи истата содржина за тренирање на своите ВИ-модели.
Ако се потврдат овие сомнежи, практиките на „Гугл“ би можеле да претставуваат кршење на правилата на ЕУ за конкуренција.
Извршната потпретседателка на Комисијата за чиста, правична и конкурентна транзиција истакна дека напредокот што го носи ВИ не смее да оди на штета на принципите на слободно и демократско општество и медиумска разновидност.
Извор:
Bug.hr
Фото: Freepik