Кога споделувањето селфиња од фитнес-сала станува загрижувачко?

Кога споделувањето селфиња од фитнес-сала станува загрижувачко?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Феноменот на објавување селфи-фотографии од фитнес-сала е сè почест на социјалните мрежи. Истражувања укажуваат дека ова однесување може да биде поврзано со одредени психолошки особини и ментални состојби. 

Според истражувања на Универзитетот „Брунел“, луѓето што често објавуваат фитнес-содржини почесто покажуваат нарцисоидни црти и бараат внимание и потврда од онлајн заедницата.

Нарцисизмот и фитнес-објавите


Истражување со 555 учесници покажало дека оние со повисоки нарцисоидни резултати почесто ги документираат своите тренинзи. Анализата на податоци за користење „Фејсбук“ и прашалници за „големата петорка“ открила дека ваквите личности објавуваат фитнес-постигнувања за да добијат лајкови и коментари, кои ја зајакнуваат нивната потреба за внимание.

Некои психолози напоменуваат дека иако ова е очигледно, објавувањето понекогаш може да служи и како поддршка на самодовербата, а не секогаш како нарцисоидно фалење.

Негативни последици врз менталното здравје

Истражувањата укажуваат на можни негативни ефекти од прекумерно гледање и објавување селфи-фотографии. Жените што често објавуваат свои фотографии покажуваат повисоки нивоа на самообјективизација, незадоволство од изгледот и поголем ризик од нарушена слика за телото.

Постојаната споредба со идеализирани слики може да предизвика незадоволство и нездрави навики во исхраната или вежбањето.

Честото објавување може да доведе до опсесија со изгледот, особено кај млади лица. Филтрите и обработката ја искривуваат реалната слика и поттикнуваат поголема несигурност. Кај некои лица ова може да се поврзе со симптоми на телесна дисморфија - компулсивно фотографирање, уредување и барање „совршен“ изглед.

„Селфитис“ - кога селфи-фотографиите стануваат опсесија

Концептот „селфитис“ се појави како феномен поврзан со прекумерно правење и објавување селфи-фотографии. Селфитис се опишува како ментално нарушување кое се манифестира преку опсесивно-компулсивно правење фотографии од себеси и нивно објавување на социјалните мрежи со цел зголемување на самодовербата или прикривање на ниската самодоверба.

Терминот „селфитис“ претставува релативно нова област во психолошките истражувања, а научниците велат дека предизвикува голема загриженост за експертите за ментално здравје на глобално ниво. Иако не е вклучена во Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања, состојбата привлекува внимание поради можните последици врз благосостојбата на луѓето во ерата на социјалните мрежи.

Истражување спроведено кај студенти во приватен универзитет во Нигерија (Olabisi и соработници, 2024) ја испитало врската меѓу однесувањето со селфи-фотографиите и задоволството од сопствениот изглед. Истражувачите утврдиле дека лицата со симптоми на селфитис имаат значително пониско ниво на самодоверба и поголемо незадоволство од телото. Ова укажува дека кај многумина компулсивното објавување селфи може да биде неадаптивен начин за справување со чувства на неадекватност или социјална изолација.

Истражувачите идентификувале неколку карактеристики на селфитисот:

- Опсесивна потреба за правење селфи-фотографии во текот на денот;
- Компулсивна желба тие селфи-фотографии да се објавуваат на социјалните мрежи;
- Анксиозност кога лицето не може да направи или да објави селфи;
- Потреба за лајкови и коментари како потврда за сопствениот изглед;
- Користење филтри и уредување со цел постигнување идеализиран изглед.

Истражувањето покажало дека селфитисот е особено чест кај лица со ниска самодоверба кои бараат надворешна потврда преку активност на социјалните мрежи. Ова создава циклус каде што селфито накратко го олеснува негативното мислење за себе, но истовремено ја засилува зависноста од онлајн одобрување.

Извор: Elodiebarathe.com
Фото: Freepik