Првото ВИ-кафуле за љубовни состаноци наскоро ќе ги отвори вратите: Како ќе изгледа тоа?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во време кога се чини дека излегувањето на љубовен состанок е премногу комплицирано, се појавува нов феномен што дополнително ја замаглува границата меѓу романтиката и технологијата - врски со ВИ-ботови.
Изминатата година медиумите беа преплавени со приказни за луѓе кои ги заменуваат традиционалните меѓучовечки односи со дигитално друштво. Редит-заедниците расправаат за предностите и недостатоците на „ВИ-врските“, споредувајќи ги дури и со вистински бракови, додека на пазарот се појавуваат апликации наменети исклучиво за романтични односи меѓу човек и вештачка интелигенција.
Првото ВИ-кафуле за љубовни состаноци во светот: концепт што ги поместува границите
Ако мислевте дека работите не можат да станат почудни, Њујорк се подготвува да го отвори првото ВИ-кафуле за љубовни состаноци. Новиот проект, креиран од апликацијата „ЕВА ВИ“, е замислен како физичко место каде што луѓето ќе можат да се „сретнат“ со своите дигитални партнери. Амбиентот е осмислен да биде интимен: светлина од свеќи, маси за една личност и држачи за мобилен за вашиот ВИ-бот додека пиете и грицкате нешто за време на вашиот љубовен состанок.
Концептот е едноставен, но навистина неконвенционален. Корисниците најпрво преку апликацијата „ЕВА ВИ“ го креираат и приспособуваат својот идеален ВИ-љубовен лик. Потоа резервираат термин во кафулето. Во определено време доаѓаат сами со мобилен в рака, подготвени за разговор, флерт или споделување новости од животот со својот дигитален партнер.

Фото: EVA AI
Точниот датум на отворање и локацијата ќе бидат објавени наскоро, а интересот на јавноста веќе е огромен.
Дали ова е само тренд?
Иако ВИ-кафулето може да изгледа како општествено контроверзен експеримент, тоа не значи дека вештачката интелигенција нема да има важна улога во иднината на романтиката. Технолошката индустрија веќе предвидува понатамошен развој на овој концепт.
Една од најинтересните прогнози доаѓа од Витни Вулф Херд, основач на „Бамбл“. Таа верува дека ВИ во иднина би можела да преземе уште поголема улога во љубовниот живот на човекот.
- Ако навистина сакате да одите далеку, постои свет во кој вашиот помошник за љубовни состаноци би можел да оди на состаноци наместо вас, со други такви помошници. Тогаш нема да треба да разговарате со 600 луѓе, туку ВИ би можела да избере тројца луѓе што навистина вреди да се запознаат - вели таа.
Дистопија или нова нормалност?
Првото ВИ-кафуле можеби е само експеримент, но отвора многу реални прашања за иднината на човечките односи.
Додека едни ја ценат можноста за сигурен, персонализиран и ненаметлив „партнер“, други предупредуваат на опасноста од оддалечување од вистинските емоционални врски. Без разлика на ставот, едно е сигурно - технологијата сè поинтензивно навлегува во области што некогаш се сметаа за исклучиво човечки.
Извор:
6yka.com
Фото:
EVA AI