Откриено потеклото на чудните звуци низ целиот свет

Откриено потеклото на чудните звуци низ целиот свет

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 2018 година биле откриени сеизмички сигнали од страна на агенциите за набљудување на земјотресите низ целиот свет. Тие создавале чуден звук, а некои од сигналите откриени во ноември истата година биле со времетраење до 20 минути.

Сигналите и чудните звуци предизвикале љубопитност кај научната заедница, се вели во најновото истражување кое открило што всушност се случувало: се формирал нов подводен вулкан.

Необичниот број земјотреси ги однесе научниците на островот Мајот во Индискиот Океан, еден од неколкуте во архипелагот Коморос, кој се наоѓа меѓу Африка и Мадагаскар.

Научниците откриле 7.000 тектонски земјотреси во рамките на истражувањето. Овие видови земјотреси се случуваат кога тектонските плочи на Земјата се заглавуваат додека се движат една до друга. Притисокот што им овозможува да се движат понатаму предизвикува земјотреси.

Најголемите земјотреси достигнаа јачина од 5,9 степени во мај 2018 година.

Научниците наишле и на 407 сеизмички долгорочни сигнали. Овие сигнали, наречени VLP (Very Long Period signals) се хармонични и ниски, потсетуваат на двоен бас или големо ѕвонче. И нивните сигнали од 20 до 30 минути може да бидат откриени дури и ако се оддалечени стотици километри.

zvuci

Земјотресите и сигналите доаѓале од растојание на околу 35 километри од источниот брег на островот. Истражувачите не можеле да видат никакви знаци на вулканска активност во оваа област, но се сомневале дека може да се одвиваат магматски процеси.

За жал, немало сеизмичка мрежа на овој дел од океанското дно, што значи дека биле во можност да добијат мерења само од островот, Мадагаскар и Африка. Но, забележале намалување на површината на островот за 17 сантиметри, што укажува на активност поврзана со земјотресите.

Новите сеизмолошки методи им помогнале на истражувачите да состават едногодишен временски распоред за да го реконструираат тоа што се случило. Нивното истражување било објавено оваа недела во магазинот „Нејчр џеосајнс“.

Првата фаза вклучува магма што се подигнала наеднаш, 30 километри под површината на Земјата. Ова отворило канал на дното од океанот, дозволувајќи ѝ на магмата да тече и да почне да формира нов подводен вулкан.

Океанографската кампања во мај 2019 година покажа дека вулканот се формирал на истото место. За време на формирањето на подводниот вулкан паднала активноста на земјотресот, а земјата на Мајот се спуштила. Потоа почнале сигналите VLP.

Иако ова звучи драматично, не било забележливо на самиот остров. Мајот е еден од четирите вулкански острови во архипелагот и е дом на околу 260.000 луѓе, според истражувањето. Последната ерупција била пред околу 4.000 години.

- Бидејќи морското дно се наоѓа 3 километри под површината на водата, речиси никој не ја забележа огромната ерупција. Сепак, денес сè уште постојат можни опасности за островот бидејќи кората на Земјата над длабокиот резервоар може да продолжи да се распаѓа, предизвикувајќи посилни земјотреси - изјави Торстен Дам, коавтор на истражувањето и професор по геофизика и сеизмологија на Универзитетот „Потсдам“ во Германија.