Како може да се произведе струја од градски водовод?

Како може да се произведе струја од градски водовод?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Хидроенергетски извор кој ретко им паѓа на памет на луѓето

Во денешно време сè почесто се зборува за транзиција кон обновливи извори на енергија, а во прв план се ветерот и сонцето. И тоа е сосема во ред затоа што ветерот и сонцето се најисплатливи обновливи извори, а имаат и помало влијание врз природните екосистеми од големите и малите хидроелектрани. Меѓутоа, тука станува збор за хидроенергетски извор кој ретко им паѓа на памет на луѓето - водоводните цевки.

Хидроенергетскиот потенцијал на водотеците со векови претставувал важен извор на обновлива енергија и траги од користење водотеци може да се најдат уште во древен Египет, Персија и Кина. Сепак, дури кон крајот на 19 век хидроенергијата станала еден од најважните извори за производство на електрична енергија. Првата хидроелектрана е направена на Нијагарските Водопади и датира од 1879 година.

И додека енергетскиот потенцијал на големите реки е јасно видлив, стартап-компанијата „Ин пајп енерџи“ од Орегон смислила систем кој овозможува соодветно искористување дури и на хидроенергијата од водоводните цевки. Со нејзината технологија може да се напојуваат со струја дури и големи објекти како стадиони.

Компанијата замислила фаќање на вишокот енергија која се создава додека водата тече низ општинските цевки за пивка вода.

Ваквиот вид на децентрализиран извор на енергија, кој е со мал обем, всушност помага потребната енергија да се стави во рацете на заедницата. Грег Семлер, извршен директор на „Ин пајп“, објаснува дека претпријатијата што се занимаваат со производство на електрична енергија во последно време се преплавени со иновации, додека тоа не може да се каже за компаниите што се занимаваат со водоснабдување и кои ја користат истата технологија со години. Неговата компанија сака да го промени тоа.

- Водата е многу добар извор на енергија, а постои начин на кој градовите може да ја користат со минимални трошоци - вели Семлер.

Додека градската вода тече надолу, од водокулата до славината, притисокот во цевководот често станува превисок, а во одржувањето на рамнотежата помагаат вентилите за намалување на притисокот кои се сместени по должината на цевководот. Улогата на тие вентили е важна бидејќи во спротивно големата сила на водата што се создава поради прекумерниот притисок може да предизвика течење или поголеми прекини во водоснабдувањето, а санацијата понекогаш е многу скапа.

За да се избегне такво сценарио, смислена е технологија која ги користи постојните вентили за контрола на притисокот, но на кои се додадени сензори чија задача е прецизно да го следат протокот на водата и притисокот кој настанува во цевката. Кога притисокот ќе почне да се зголемува, водата се пренасочува низ мала цевка која се нарекува заобиколница, каде што таа свртува низа микротурбини, по што повторно се влева во главната цевка.

За време на наведениот процес прекумерниот притисок се претвора во енергија, која потоа може да се користи за напојување на градската електрична мрежа.

Со помош на пумпите што се закачени на водоводните цевки со цел контролирање на притисокот и генерирање електрична енергија, во градот Хилсборо во Орегон денес е овозможено да се зачуваат водата и инфраструктурата, но и со преминувањето на овој обновлив извор на енергија значително се намалуваат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.

Се проценува дека со користење на оваа технологија би можеле да се генерираат од 185.000 до 200.000 kWh електрична енергија секоја година за напојување на градското осветлување и станиците за полнење електрични возила во Хилсборо.

Интересно е што на овој начин со електрична енергија се напојува и градскиот стадион во Хилсборо, што јасно покажува дека од водоводот може да се генерира голема количина на енергија, доволна и по неколку часа да напојува многу големи објекти како стадиони.

Автор: Јована Станковиќ
Извор: Klima101
Насловна фотографија: Pixabay