Необични студиски програми што се нудат низ светот

Необични студиски програми што се нудат низ светот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Одлуката за факултет е една од најголемите одлуки во животот. Доколку сè уште не може да се одлучите што да студирате, можеби следниве необични студиски програми што се нудат низ светот ќе ве инспирираат.

Свирење на гајда

Универзитетот „Карнеги Мелон“ во САД нуди студиска програма за свирење на гајда повеќе од 75 години поради шкотските корени на основачите на универзитетот. Факултетот за компјутерски науки на универзитетот дури создал робот кој свири на гајда.

Студии по манга

Доколку сте обожаватели на манга-стриповите, Универзитетот „Кјото Сејка“ можеби е совршен за вас. Универзитетот има факултет за манга-стрипови од 2006 година, а се нудат дури и докторски студиски програми од областа.

„Битлси“

Универзитетот на Ливерпул нуди магистерска програма за музиката на бендот „Битлси“. Студиската програма го истражува влијанието на нивната музика врз културата денес, но и идентитетот на Ливерпул.

Студии за чајот

Можеби обожавате да пиете чај, но дали знаевте дека може да дипломирате како експерт за чај? Агрикултурниот универзитет „Асам“ во Индија нуди студиски програми на сите нивоа за технологијата и начинот на производство на чај.


Фото: Pixabay

Студии по циркусни уметности

Технолошкиот универзитет „Свинбурн“ во Австралија нуди додипломски студии за циркусни уметности. Студентите учат за историјата на циркусот и неговото културно значење, но и добиваат вештини за изведување циркусни уметности.

Астробиологија

Доколку би сакале да живеете на Марс, можеби првиот чекор кон реализација на оваа желба е студирање астробиологија на Технолошкиот институт во Флорида. Астробиологијата ги комбинира математиката, физиката, биологијата и планетарната наука за да ја истражува можноста за вонземен живот. Некои од професорите се поранешни астронаути.


Фото: Pixabay

Комедија и изведување

Доколку сакате да бидете стендап-комичар, ќе бидете среќни што постои програма за пишување и изведување комедија на колеџот „Хамбер“ во Канада.

Етичко хакирање

Универзитетот на Абертеј во Данди, Шкотска, нуди програма за етичко хакирање. Студентите учат како да ги хакираат најбезбедните системи за добри цели.

Извор: Times Higher Education
Фото: Pixabay