Во ситуации на „борба или бегство“, придружени со интензивен стрес, телото реагира со ослободување хормони од надбубрежните жлезди, како што е адреналинот. Повеќето од нас веројатно го почувствувале тој силен наплив на адреналин и чукање на срцето, што ни дава дополнителна енергија во ненадејни, застрашувачки или стресни околности. Кортизолот, кој исто така се произведува во надбубрежните жлезди, се смета за „еквивалент“ на адреналинот бидејќи помага во регулирањето на стресот. Нè држи будни и фокусирани кога телото или умот ќе почувствуваат закана.
Иако кортизолот може да биде корисен кога се јавува стрес, тој може да има негативни ефекти ако телото го произведува премногу во подолг временски период. Прочитајте подолу за ефектите на кортизолот, како и кои додатоци можат да помогнат во одржувањето на неговите нивоа под контрола.
Што е кортизол и која е неговата функција?
Кортизолот е веројатно најпознат како хормон на стрес, иако има многу дополнителни функции, како што се регулирање на метаболизмот, воспалителните процеси и основната функционалност на имунолошкиот систем. Се синтетизира од холестерол и влијае врз речиси секој органски систем во телото, вклучувајќи ги нервниот, имунолошкиот, кардиоваскуларниот, респираторниот, репродуктивниот, мускулно-скелетниот и кожниот систем.
Кога кортизолот се ослободува како одговор на стресот, корисно е да се смета за „еквивалент“ на адреналинот. Адреналинот го зголемува срцевиот ритам и работата на респираторниот систем на краток рок, додека кортизолот помага во одржувањето долгорочна состојба на будност.
- Како и со секој хормон, рамнотежата е клучна. Дисрегулацијата на кортизолот може да предизвика оштетување на мозокот и да влијае врз многу органски системи - вели д-р Џил Стокер, доктор по медицина, експерт за остеопатска медицина и хормонска рамнотежа.
Кое е нормално ниво на кортизол?
Според Медицинскиот центар при Универзитетот во Рочестер, нивоата на кортизол се највисоки наутро, а најниски околу полноќ. Типични вредности можат да бидат:
-наутро (од 6 до 8 часот): 10 до 20 микрограми на децилитар
-доцна попладне (околу 16 часот): 3 до 10 микрограми на децилитар.
Нивото на кортизол може да се провери со едноставен тест на крвта. Најчесто еднаш наутро и повторно подоцна истиот ден, попладне. Овие вредности претставуваат основни упатства и може да варираат во зависност од индивидуалната биохемија на организмот и употребата на одредени лекови, како што се стероидите.

Кои додатоци помагаат во намалувањето на кортизолот?
Иако се потребни повеќе истражувања, одредени додатоци можат да помогнат во намалувањето на нивоата на кортизол и намалување на стресот. Еве неколку опции препорачани од експерти:
Ашваганда
Ашвагандата е билка која често се нарекува адаптоген. Адаптогените помагаат во смирувањето на нервниот систем без седативно дејство и му помагаат на телото да одржува рамнотежа за време на стрес.
Тулси (свет босилек)
Тулси, познат и како свет босилек, е адаптоген сличен на ашвагандата. Иако истражувањата за неговата употреба сè уште се ограничени, особено кога станува збор за регулирање на кортизолот, прелиминарните резултати изгледаат ветувачки. Најзначајна е студијата од 2022 година во која на некои учесници им биле давани 125 мг свет босилек двапати на ден. Оние што земале тулси имале значително пониски нивоа на кортизол во плунката и косата во споредба со плацебо-групата.
Омега-3 масни киселини
Повеќето истражувања за омега-3 масните киселини се фокусирани на здравјето на срцето и намалувањето на холестеролот. Омега-3 може да помогне во намалувањето на триглицеридите - вид маснотии во крвта. Сепак, една студија од 2021 година заклучила дека учесниците што земале омега-3 масни киселини четири месеци имале пониски нивоа на вкупен кортизол и воспаление за време на стресни периоди, како и повисоки нивоа на антиинфламаторна активност за време на закрепнувањето.
Родиола
Родиолата е билен адаптоген, како ашвагандата. Најчесто ја избираат луѓе кои сакаат зголемување на енергијата, а не чисто смирувачки ефект. Сепак, прелиминарните студии покажуваат дека во некои случаи може да помогне во намалувањето на нивото на кортизол. Но, особено е важно да се консултирате со здравствен работник пред да ја воведете родиолата во вашиот режим на витамини и додатоци во исхраната.
Како природно да го намалите кортизолот?
Иако додатоците наведени погоре можат да помогнат во регулирањето на нивото на кортизол, постојат начини да се одржи рамнотежата на хормонот на стрес без додатоци:
-Медитација или молитва бидејќи го опуштаат умот и го намалуваат стресот.
-Правење список на нешта за кои сте благодарни.
-Потпевнување, што може да го стимулира вагусниот нерв и да го намали одговорот „бори се или бегај“ и нивоата на кортизол.
-Движење, особено јога.
-Престој во природа бидејќи изложеноста на природната средина може да го намали стресот.
-Телесни терапии како што се масажа или акупунктура.
-Добра хигиена на спиење.
-Избегнување кофеин (особено кафе), никотин и стресни ситуации.
-Вежби за дишење: експертите особено ја препорачуваат техниката на дишење 4-7-8, која се изведува со длабоко вдишување четири секунди, задржување на здивот седум секунди, а потоа бавно издишување осум секунди.
Кога да се посети лекар за високо ниво на кортизол?
Ако нивоата на кортизол се постојано високи, тие треба внимателно да се следат од здравствен работник. Тоа може да биде белег на состојба наречена Кушингов синдром. Националните институти за здравје ги наведуваат следните можни симптоми на Кушингов синдром:
-Зголемување на телесната тежина.
-Дебелина и заостанат раст (кај деца).
-Тенки раце и нозе.
-Тркалезно лице.
-Зголемена акумулација на масно ткиво во пределот на вратот.
-Масна „грпка“ помеѓу рамената.
-Зголемена влакнетост на лицето, вратот, градите, стомакот и бутовите (кај жени).
-Нередовна менструација или нејзино отсуство (кај жени).
- Модринки.
-Широки виолетови стрии, претежно на стомакот, градите, колковите и под пазувите.
-Слабост на мускулите.
-Намален сексуален нагон, плодност и еректилна функција (кај мажи).
Доколку ги забележите овие симптоми, веднаш контактирајте го вашиот лекар, кој ќе ги одреди соодветните тестови за да ја процени вашата состојба.
Извор: forbes.n1info.rs
Фото: Freepik