Тетоважите влијаат врз имунолошкиот систем на начини што дури сега почнуваме да ги разбираме
Од минималистички дизајни на зглобот до цели „ракави“, тетоважите станаа толку вообичаени што ретко предизвикуваат внимание. Но, иако личното значење на тетоважата може да е очигледно, биолошките последици се далеку помалку видливи.
Откако мастилото за тетоважа ќе влезе во телото, тоа не останува на едно место. Под кожата, пигментите од тетоважите стапуваат во интеракција со имунолошкиот систем на начини што научниците дури сега почнуваат да ги разбираат.
Тетоважите генерално се сметаат за безбедни, но сè повеќе научни докази укажуваат дека мастилата за тетоважи не се биолошки неутрални. Клучното прашање веќе не е дали тетоважите внесуваат туѓи супстанции во телото, туку колку тие супстанции можат да бидат токсични и што тоа значи за долгорочното здравје.
Што има во мастилото за тетоважи?
Мастилата за тетоважи се сложени хемиски мешавини. Тие содржат пигменти кои ја даваат бојата, течни носачи што помагаат мастилото да се распореди, конзерванси за спречување раст на микроорганизми и мали количини нечистотии.
Многу пигменти што денес се користат првично биле развиени за индустриска употреба како автомобилски бои, пластика и тонери за печатачи, а не за вбризгување во човечка кожа.
Некои мастила содржат траги од тешки метали, вклучувајќи никел, хром, кобалт и понекогаш олово. Тешките метали можат да бидат токсични на одредени нивоа и се добро познати по тоа што предизвикуваат алергиски реакции и имунолошка чувствителност.
Мастилата можат да содржат и органски соединенија, вклучувајќи полициклични ароматични јаглеводороди. Полицикличните ароматични јаглеводороди се создаваат при нецелосно согорување на органски материјали и се наоѓаат во чадот, издувните гасови и загорената храна. Црните мастила за тетоважи, често направени од јаглеродна црна боја, можат да ги содржат овие соединенија, од кои некои се класифицирани како канцерогени.
Што се случува во телото?
Тетовирањето подразбира вбризгување мастило длабоко во дермисот, слојот на кожата под површината. Телото ги препознава честичките на пигментот како туѓ материјал. Имунолошките клетки се обидуваат да ги отстранат, но честичките се премногу големи за целосно да се исчистат. Наместо тоа, тие остануваат „заробени“ во клетките на кожата, што ја прави тетоважата трајна.
Мастилото не останува само во кожата. Истражувањата покажуваат дека честичките на пигментот можат да се движат низ лимфниот систем и да се акумулираат во лимфните јазли.
Лимфните јазли се мали структури кои ги филтрираат имунолошките клетки и помагаат во координација на имунолошкиот одговор. Долгорочните здравствени ефекти од акумулацијата на мастило во овие ткива сè уште не се јасни, но нивната централна улога во имунолошката одбрана предизвикува загриженост за долготрајна изложеност на метали и органски токсини.
Тетоважите и имунолошкиот систем
Едно поново истражување покажува дека често користените пигменти за тетоважи можат да влијаат врз имунолошката активност, да предизвикаат воспаление и да ја намалат ефикасноста на одредени вакцини.
Истражувачите откриле дека мастилото за тетоважи ги апсорбираат имунолошките клетки во кожата. Кога овие клетки умираат, тие ослободуваат сигнали кои го одржуваат имунолошкиот систем активен, што доведува до воспаление во блиските лимфни јазли и до два месеца.
Исто така, истражувањето покажало дека присуството на мастило на местото каде што се дава вакцина може да го промени имунолошкиот одговор на специфичен начин. Забележано е намалено имунолошко реагирање на вакцината против ковид-19. Ова не значи дека тетоважите ги прават вакцините небезбедни. Наместо тоа, укажува дека пигментите од тетоважите, под одредени услови, можат да ја нарушат имунолошката сигнализација.
Во моментов нема силни епидемиолошки докази што ги поврзуваат тетоважите со рак кај луѓето. Сепак, лабораториските истражувања укажуваат на потенцијални ризици. Одредени пигменти можат со текот на времето, или при изложеност на ултравиолетова светлина или ласерско отстранување, да се разложат во токсични и понекогаш канцерогени нуспроизводи.
Многу видови рак се развиваат со децении, што ги прави овие ризици тешки за директно проучување особено со оглед на тоа дека тетовирањето неодамна стана масовно распространето.
Ризик од инфекции
Како и секоја постапка што ја пробива кожата, и тетовирањето носи одреден ризик од инфекција. Лошата хигиена може да доведе до инфекции како „Staphylococcus aureus“, хепатит Б и Ц, и во ретки случаи, атипични микобактериски инфекции.
Еден од најголемите предизвици во процената на токсичноста на тетоважите е недостигот на конзистентна регулација. Во многу земји мастилата за тетоважи се регулирани многу помалку строго од козметиката или медицинските производи, а производителите често не се обврзани да ги објават целосните листи на состојки.
Кај повеќето луѓе тетоважите не предизвикуваат сериозни здравствени проблеми, но не се целосно без ризик. Тие внесуваат супстанции во телото кои никогаш не биле наменети за долготрајно присуство во човечко ткиво, а некои од нив можат да бидат токсични под одредени услови.
Потребата од подобра регулација, транспарентност и континуирано научно истражување не треба да се игнорира.
Фото: Freepik