Зоран Кардула за раскошот во кој живееле крушевчани пред Илинден

Зоран Кардула за раскошот во кој живееле крушевчани пред Илинден

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Фотографиите што ги објавува одвреме-навреме, буричкајќи низ одаите на семејната куќа во Крушево, полека прераснаа во своевидна рубрика која ја нарече „Од убавините на едно време“

„Моето семејство кон крајот на 18 век од Грамос, Грција, се доселило во Крушево. Тоа е време кога многу влашки семејства, бегајќи од зулумите на Али-паша Јанински, ги напуштаат своите родни места како Грамос, Москополе, Епир и се населуваат низ целиот Балкан. Јас сум роден во Крушево, но живеам во Скопје“.

Зоран Кардула

Реномираниот графички дизајнер Зоран Кардула вели дека Крушево засекогаш ќе биде негова голема инспирација. Но, повод за разговорот не е неговата професија, туку неговата страст, која повеќе од една година ја објавува и на социјалната мрежа „Фејсбук“. Фотографиите што ги објавува одвреме-навреме, буричкајќи низ одаите на семејната куќа во Крушево, полека прераснаа во своевидна рубрика која ја нарече „Од убавините на едно време“.

- Тоа се фотографии од предмети што ги имам сочувано и се од големо значење за мене, а ја откриваат сликата на едно време, на еден живот кој го имаа моите предци во Крушево - ја почнува Кардула приказната.

Крушево во минатото и денес, како инспирација

Многу фотографии, речиси сите од Манаки

Роден е во 1967 година (во Југославија), многу подоцна од периодот откога датираат предметите што ги објавува. Национализацијата спроведена по Втората светска војна го опфатила и неговото семејство. Речиси сè им било земено, а половината од семејната куќа била дадена на користење на Општината. Дури по 1967 година е вратена во сопственост на семејство. Куќата била изградена во 1930 година во староградски, но не во типичниот крушевски стил.

Од семејните документи

- Не знам точно како се сменил планот, но требало да се гради во крушевски стил и на тимпанот на покривот да стои грбот на семејството. Но, тој никогаш не беше поставен. Во документите на дедо ми го најдов и грбот на рачно направена хартија, на која сè уште се гледаат црти со молив, покрај графиката. Старата семејна куќа е куќа со сите тертипи - огромен салон каде што се чекаа гости за имендените, со внатрешен балкон кој преку лето беше местото каде што сите тетки и баби се дружеа и плетеа. Салонот е опкружен со 6 спални кои исто така беа поврзани со внатрешни врати. Сиот тој простор, кога ќе се отвореа сите врати, изгледаше преубаво! До горниот кат водеа многу убави, дрвени, кружни скали. Кога ги поставиле, не употребиле ниедна шајка.

Колаж од семејните фотографии во Крушево

На ѕидовите беа закачени портрети на членови од фамилијата. Речиси сите беа од Манаки, кој му бил добар пријател на дедо ми, и рачно беа ретуширани. Во куќата имаше и една посебна просторија која се викаше сандук-одаја. Клуч имаше само баба ми Анастасија и сестра ѝ Артими и буквално на никој друг не беше дозволен влез таму. Само јас, како најмал во куќата, ја имав таа привилегија, да влезам заедно со баба ми. Тоа беше доживување како од приказните. Одаја полна со хасели (сандаци) полни со приказни, милион чудни ситници од времињата минати, полни со фамилијарна историја. Имаше сандаци кои 60-70 години не беа отворени! Благодарение на тетка ми Лула, која ги сочува, па по смртта на баба ми и другата тетка, ние двајца бевме првите што ги отворија. Таму пронајдов многу лични документи, фотографии, предмети од богатата историја што ја имаа членовите на моето семејство - раскажува Кардула.

Крушево кон крајот на 19 век

Секоја куќа има своја историја што ја испишуваат луѓето што живеат во неа, вели Кардула. Во нивната се случувале многу убави нешта, но и трагични судбини. Најмногу приказни за семејството му раскажувала тетка му Пандора Анастасиевиќ, која пред да се омажи во Белград му била десна рака на дедо му.

Дел од семејните фотографии

- Таа ги водела сите работи кога дедо ми бил службено отсутен. Тој бил трговец и во тој период доста патувал за Романија и Грција, а за мојата баба, Крушево било нова средина, непознат град. Баба ми ретко зборуваше за нејзиното семејство. Очигледно беше дека тоа ѝ е премногу болно. Два пати во нејзиниот живот, од многу богат и раскошен живот, останала без ништо, но никогаш не кажа лош збор за никого. Дури ни по национализацијата кога неправедно им беше одземено сè што со многу труд и пот било заработено од генерации наназад - раскажува Кардула.

Копчиња, очила, оловни играчки

За да ја долови сликата за Крушево кон крајот на 19 век, тој го цитира германскиот патописец Густав Вајганд, кој престојувал во Крушево од 26 јуни до 3 јули 1889 година. Вајганд напишал:
„Куќите се големи и солидно градени, имаат кревети, што е голема реткост во Турската Империја. Огледала, гарнитури, мебел што укажува на одредено богатство. Во кафеаните не недостига ни билјард и може да се нарача пиво, говедско, телешко и јагнешко. Власите што дојдоа од Москополе и Грамост го откупија за 400.000 пјастери“.

Бокал

Кардула раскажува дека Крушево бил богат град со голема традиција на изработка на злато и резба, како и развиено занаетчиство. Имал воспоставени трговски врски со Грција, Србија, Австроунгарија, Египет, Етиопија и други земји. Град со повеќе од 3.000 куќи и од 15.000 до 18.000 жители. Во градот имало 13 цркви, над 32 ана, 10 ковачи, 8 лојарници на кои годишно им биле потребни 30.000 овци и кози. Во градот се увезувала европската култура, а во комбинација со локалната традиција се создал еден урбан и автохтон модел на живот.

Не се купувало многу, ама се купувало квалитетно

- Целиот овој стил на живеење може да си види од предметите што се зачувани.
Не се штедело на убав мебел, огледала, чаши од венецијанско стакло, садови од најфин кинески порцелан купени во земји со кои крушевчани посебно тргувале. Не се купувало многу, но се купувало квалитетно. Сето тоа се гледа од предметите. За жал, имам многу малку зачувано, но сепак доволно да сведочат за еден убав животен стил што го негувале - вели Кардула.

Со растурањето на сандук-одајата ги отворил старите хасели и во едниот од нив биле работите на неговиот прадедо Коста Горѓиу, татко на баба му. Таму нашол негови лични документи, хируршкиот прибор, негов портрет, еполетите од неговата униформа. Коста Горѓиу бил воен лекар и аптекар и за неговата работа имал и султански ферман за заслуги.

Порцелански комплет

- Пред три години ги дадов да се преведат документите и од нив дознав доста работи. Таму беа нивните патни исправи (живееја во отоманската држава), нивните пропусници за да можат да се движат низ целата империја без никаков проблем, неговите банкарски чекови, неговиот печат, рецепти, тапии, неговите позајмици и сл. Човекот кој ми ги преведе кажа дека сите овие документи укажуваат на еден богат живот што го имале, за моќта што ја поседувал, имал и овластувањето за користење на сите бенефити од државата. За жал, со договорот помеѓу Грција и Турција преку ноќ морале да ја напуштат Турција како Власи со потекло од Грција и така останале без ништо. Ги зеле само најосновните лични предмети и се населиле прво во Солун, а потоа во Битола, од каде што бил по потекло прадедо ми. Од убав луксузен живот, останале без ништо. Во Битола, на бал организиран од романскиот конзул, се запознале дедо ми и баба ми. Предметите што ги имам од моите предци сè уште ги користам - килими, мангали, лустери, печка на дрва, кревети, сето тоа е дел од ентериерот во Крушево и во Скопје. Играчките, дел од гардеробата, личните предмети ги имам заштитено и засега се во иста состојба како што ги најдов - објаснува Кардула.

Зенит во предилинденскиот период

Тој вели дека Крушево му е вечна инспирација во неговата работа како графички дизајнер. Споменикот „Македониум“, ставен во футуристички контекст, е само дел од неговото творештво кое го пренесоа и многу светски медиуми. Кардула вели дека неговите први цртежи се цртежи од крушевската архитектура.

Крушево како инспирација во делата ма Кардула

- „Македониумот“ е споменик кој не е инспирација само за мене, туку и за многу уметници, само јас ја имав и можноста да живеам во градот каде што се наоѓа. Воодушевен сум од неговата форма, градба, местоположбата, но особено ме фасцинира фактот дека во времето кога се градеше, во времето на Југославија, некој дал предлог да се гради еден таков бруталистички споменик кој отскокнува од сè дотогаш видено. И некој тоа го одобрил да се прави. Мислам дека во ова време во кое живееме, барем кај нас, уште долго ќе чекаме на нешто такво. Дел од предметите од тоа време знам да ги искористам во мојата работа, на пример, дизајнот на чашите, некои стари цртежи имам искористено како идеја за накит и слично - вели Кардула.

Според него, предметите во старата куќа се луксузни, но не се многу различни од предметите што биле дел од многу куќи на семејства во Крушево. Во куќите немало многу мебел и предмети, но сите тие биле квалитетни, биле чувани домаќински и сето тоа укажува на еден еснафски град кој знаел што е квалитетно, што е модерно и луксузно и го држел чекорот со сè во тоа време.

Семејни фотографии

- Крушево до илинденскиот период го има достигнато својот зенит во однос на развој и богатство. Потоа и бројот на фамилии и жители драстично опаѓа. Од 1910 до 1990 година бројот на жители во градот е речиси ист, од 5.000 до 6.000. За време на Југославија, во 60-тите и 70-тите години градот повторно го враќа својот сјај. Се живее еден убав живот, има повеќе од 3.500 вработени, фабриките, работилниците, дуќаните, хотелите работеа со полн капацитет и жителите беа задоволни. По распадот на Југославија и осамостојувањето сè почна да оди надолу, се затворија фабриките, немаше веќе нови вработувања, секој студент откако ќе ги завршеше студиите, веќе не се враќаше во Крушево и тоа продолжува сè до денес. Последниве години градот малку заживува со параглајдерството и во летните месеци, но сè уште нема работни места каде што младите би се вратиле. Има изрека на еден крушевчанец што најдобро ја отсликува ситуацијата во градот во последните 25 години. Вели: „Отмено пропадам“ - завршува Кардула.