Четири случаи кога пиењето кафе било нелегално, па дури и казниво со смрт

Четири случаи кога пиењето кафе било нелегално, па дури и казниво со смрт

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Бах напишал дело за кафето. Научници, филозофи и адвокати се расправале за кафето. И секој ден луѓето се колнат дека не можат да живеат без кафе.

Кафето потекнува од Етиопија, но дури во 15 век во Јемен се популаризирало како пијалак меѓу суфиите (суфизам – мистички аспект на исламот) кои сакале да останат будни за време на молитвата. Бидејќи неговиот богат мирис, горчлив вкус и содржината на кофеин ги освојувале срцата на луѓето низ целиот свет, голем број моќни луѓе станале сомничави кон овој современ пијалак. Некои власти дури и решиле да го забранат кафето, честопати наведувајќи здравствени, економски или морални причини за нивната остра примена на мерките.

Низ историјата, забраните за кафе никогаш не траеле долго, но додека биле активни, прекршителите се соочувале со казна - или дури и смрт - поради нивната љубов кон пиењето кафе со пријателите.

Забрана за кафе во Мека на почетокот од 16 век


Околу 1500 година кафето пристигнало во Мека. Набрзо се појавиле кафетерии кои им служеле кафе и на локалното население и на изморените аџии. Но, популарноста на овој нов пијалак предизвикала сомнеж. Во 1511 година Хаир-бег собрал група научници за да одлучат дали кафето треба да се забрани. Хаир-бег извршил притисок врз присутните научници да ја поддржат забраната за пиење кафе, врз основа на тоа дека кафето му штети на телото, го опива умот и ги охрабрува луѓето да се собираат и да се однесуваат лошо. Кафулињата се затвориле, зрната кафе биле изгорени, а властите ги тепале оние што пиеле кафе.

Во Истанбул, султанот Мурат IV ги погубувал оние што пиеле кафе

По повеќе од 100 години султанот Мурат IV, исто така, се насочил кон кафетериите, овој пат во Истанбул. Иако кафето било забрането претходно во Отоманската Империја, Мурат IV ги одвел работите до крајност. Тој ги гледал кафетериите како центри на опасна социјализација, каде што можеле да се поттикнат востанија и бунтови. Бидејќи Мурат IV бил поставен на престолот преку такви востанија, тој бил параноичен. Како резултат на тоа, ги забранил кафетериите во Истанбул и вовел смртна казна за оние што биле фатени како пијат кафе на јавно место. Како брутален владетел, некои од најлошите приказни за Мурат IV го прикажуваат како самиот погубува луѓе што пиеле кафе (и пушачи бидејќи тутунот исто така бил забранет).


Шведска го забранила кафето пет пати

Во 16 век европските посетители на Отоманската Империја го гледале кафето со љубопитност, забележувајќи како се служи во мали чаши и топло, без оглед на времето. Трговијата со кафе се проширила во Европа дури во 17 век и брзо се проширила. Но, пијалакот наскоро се соочил со истата контрола во Европа како и во Мека и Истанбул. Една приказна е дека кралот Густав III од Шведска бил толку сомничав во врска со ефектите на кафето, што го забранил и спровел бизарно медицинско испитување на близнаци осуденици за да види дали кафето е опасно. Се вели дека едниот близнак пиел кафе секој ден, додека другиот пиел чај, а двајцата на крајот го надживеале кралот, кој бил убиен во 1792 година.

Шведска издала забрани за увоз на кафе пет пати: во 1756, 1766, 1794, 1799 и во 1817 година. Забраните, всушност, биле против увозот на кафе одгледувано во колониите на други европски земји. За да се спроведат овие забрани, полицијата апсела, казнувала и затворала луѓе кои пиеле или продавале кафе дури и во мали размери.

Тајната пруска сила за „шмркање кафе“

Во 1777 година Фридрих Велики објавил забрана за кафе. „Одвратно е да се забележи зголемувањето на количината на кафе што ја користат моите поданици и количината на пари што излегуваат од земјата како последица на тоа“, напишал тој. Како и кај владетелот на Шведска, голем дел од неговата забелешка за кафето била економска. Кафето, според него, било за елитата. Од друга страна, обичните луѓе „мора да пијат пиво“.

Во 1781 година Фредерик создал кралски монопол за кафе и им забранил на граѓаните да увезуваат и да печат свои зрна. Кафето станало многу поскапо, па тоа довело до зголемување на шверцот. Па така настапува тајната сила на таканаречени „шмркачи на кафе“.

„Кафешнуфлерите“, типични воени ветерани отпуштени поради повреди, талкале по улиците за да го почувствуваат богатиот мирис на нелегално печено кафе. Оние што биле фатени со кафе морале да платат високи казни, при што една четвртина од сумата одела кај „шмркачот на кафе“.

Малку политичари би се осмелиле целосно да го забранат кафето во денешно време. Не се случуваат толку многу политички удари во локалните кафулиња, од една страна, а повеќето лекари се согласуваат дека има мала штета од една или две шолји кафе, до друга страна. 

Како што покажува историјата, луѓето се спремни да направат многу за да си ја добијат потребната доза кафе.

Извор: popsci.com

Фото: Freepik