Дронови над главите на олимписките натпреварувачи - дополнителна возбуда или пречка?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Доколку ги следите натпреварите на Зимските олимписки игри во Италија, како алпско скијање, санкање и ски-скокови, веројатно сте забележале нови, возбудливи агли на камерата.
Во преносите на Олимписките игри уште од 2014 година се користат дронови, но на овие ЗОИ се многу позастапени.
Дроновите, на кои се прикачени камери, летаат блиску до спортистите што скијаат, санкаат или скокаат, пренесувајќи возбудливи снимки какви што досега не се видени на Олимписките игри.
Публиката е поделена
На социјалните мрежи корисниците дискутираат - едни се воодушевени, додека други се збунети од зуењето што дроновите го создаваат додека летаат над главите на натпреварувачите. Зуењето јасно се слуша и на преносот во живо.
Многумина се загрижени и за влијанието на звукот врз спортистите, кој можеби ги деконцентрира за време на натпреварувањето.
- Разговарав со тренерот на американската репрезентација во скелетон и санкање и ми рече дека спортистите не можат да го слушнат звукот и дека не им пречи, но мислам дека јас би била многу свесна ако дрон зуе над мојата глава додека се натпреварувам - вели Лизи Јарнолд, двократна олимписка шампионка во скелетон од Велика Британија.
- Секоја ситница или промена може да им биде пречка на спортистите - додава таа.
Сепак, организаторите на ЗОИ велат дека досега не добиле поплаки од спортистите или тимовите.
Дроновите биле тестирани пред натпреварите - вели спортската директорка на ЗОИ, Ана Рикарди.
- Се консултиравме со заедницата на спортисти за дроновите на никаков начин да не бидат пречка или отежнувачки фактор. Секој спортист има различен степен на чувствителност, свесност и способност за прифаќање иновации. Досега не добивме никакви поплаки што би можеле да доведат до нивно исфрлање од употреба во иднина - додава таа.
Иако пилотите на дронови добиваат пофалби за способноста да ги контролираат малите летачки камери при такви брзини, не било сè совршено.
Еден од дроновите се урна на првиот тренинг во спуст, а остатоците од уредот останаа на патеката.
Со дроновите се управува од самото место. Кај спортовите на мраз, пилотот и неговиот асистент седат во мал шатор близу патеката и оттаму го управуваат дронот.
Извор:
ВВС
Фото:
Instagram