Наставници во Косово со штрајк побараа заштита од учениците по скандалозна тепачка меѓу наставник и ученик
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Наставничкиот кадар на приштинското училиште „Паваресија“ вчера излезе на двочасовен штрајк, по еден ден откако косовската полиција уапси еден наставник од истото училиште поради насилство над ученик.
Според колективот, видеоснимката што беше објавена го претставува само последниот дел од настанот и не е одраз на реалноста.
Претставникот на синдикатот на училиштето, Ардит Укај, изјави дека на насилството не му е место во училиштата и побара заштита за наставниците.
- Сакаме јасно да нагласиме дека ние како синдикално друштво сме против секој вид насилство, без разлика дали е физичко или вербално. На насилството не му е местото во училиште и не може да се оправда. Овој штрајк не е организиран за оправдување на насилството, напротив, ова е реакција против насилството што ги поткопува сигурноста и достоинството на наставникот во едукативно-образовниот процес. Нашата цел е да зачуваме сигурен и професионален амбиент каде што наставата се одвива нормално и авторитетот на наставникот не е под знак прашалник преку навреди, пцости и потценувања. Бараме сериозно и координирано институционално дејствување против овој феномен затоа што моменталниот правен систем и дисциплинските механизми не нудат ефективно решение во случаите кога ученик навредува или физички напаѓа наставник. Оваа ситуација создава чувство на несигурност и недостиг на заштита за наставниот кадар. Ова не е изолиран проблем само во нашето училиште, туку феномен што предизвикува вознемирување и во други училишта. Значи, бараме конкретни, јасни и применливи мерки за заштита на наставниците и гарантирање на редот во образовните институции - изјави тој.
Истовремено, Имер Имери од Обединетиот образовен синдикат на Косово побара од органите на правдата итно разјаснување на случајот. Тој побара да се преземат мерки и за родителите што користат насилство во училиштата и ослободување на наставникот. Според него, во многу училишта во Косово има вакви настани.
- Се случува освен психичко насилство над наставниците и образовните работници, од страна на наставниците, а често и од страна на родителите, да има и физички напади, како што имаме во овој случај. Многу ни е жал што се случи оваа кавга, но поголемо зло е што настанот не е претставен на вистинскиот начин, туку е земен само последниот дел од настанот и тоа е емитувано во медиумите - рече тој.
Во понеделникот во медиумите се појави видео од тепачката меѓу наставникот и ученикот, по што Основното обвинителство во Приштина одреди мерка притвор за наставникот во траење од 48 часа. Психологот во училиштето, Назми Махмути, за „Косова прес“ изјави дека ученикот бил тој што го поттикнал насилството и дека организирано со уште деветмина негови другари го нападнале наставникот во канцеларијата за наставници, токму во просторијата каде што немало камери. Махмути додаде дека ова е само врвот на ледениот брег бидејќи ученикот бил познат како лице со кое не можат да се справат, веќе имале интензивни контакти и со родителите за да се стабилизира ученикот, но ништо не влијаело
позитивно.
Извор:
Koha
Насловна фотографија: Facebook (sreenshot)