Научници од ЕУ и САД развиваат роботи-пчели поради исчезнувањето на опрашувачите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Научници од Европа и САД експериментираат со роботи-пчели за да им помогнат на намалените популации на природни опрашувачи обидувајќи се да понудат решение за сѐ посериозниот еколошки проблем, така што микророботите ќе им помагаат на матиците, кои се клучни за размножувањето.
На Универзитетот во Грац, Австрија, истражувачите од проектот „Роборојал“, финансиран со средства на ЕУ, тестираат микророботи кои би можеле да ја зајакнат заедницата на пчелите, помагајќи им на матиците во размножувањето.
Планот предвидува роботите да ги хранат, чистат и негуваат матиците, како и да помагаат за рамномерна дистрибуција на нивните феромони во кошницата.
Раководителот на проектот, Фаршад Арвин, истакнува дека целта не е замена на пчелите, туку приспособување на реалноста.
Тој посочува дека климатските промени ја надминуваат способноста на пчелите да се приспособат, наведувајќи дека кратките топли периоди во зима може да ги наведат пчелите да се однесуваат како да е пролет, што може да има штетни последици за кошницата ако следува нагло заладување. Во такви ситуации роботите би можеле да дејствуваат како поддршка и да го спречат умирањето на колонијата.
Слични истражувања се спроведуваат и во САД. На Институтот за технологија во Масачусетс, инженерот Џи-Сјуан Шао развива роботи големи колку инсекти наменети за опрашување на посевите. Овие мали дронови можат да летаат со брзина до 2 метра во секунда и да останат во воздух повеќе од 1.000 секунди.
„Кошниците се сѐ попразни“
Истражувачите нагласуваат дека роботите не треба да ги заменат пчелите, туку да ги дополнат.
Сепак, критичарите, меѓу кои и Синди Адолф, претставничка на еколошката организација „Билајф“, предупредуваат дека технолошките решенија не смее да го скренат вниманието од подлабоките промени потребни во земјоделството и односот на човекот кон природата.
Истовремено, пчеларите, како Клаудија Фернандес Гутјерез од северот на Шпанија, велат дека кошниците секоја година се сè попразни.
- Има сè помалку пчели. По зимата многу пчели во кошницата се мртви. Тешко преживуваат поради нестабилните временски услови - вели таа.
Според неа, важен фактор се климатските промени, но не се единствена причина за падот на бројот на опрашувачи.
Голема штета предизвикува и паразитот варора, како и инвазивниот азиски стршен, кој дневно може да изеде до 50 пчели. Дополнителен проблем се и пестицидите, поради што Европската Унија воведе забрана за увоз на храна со остатоци од неоникотиноиди, хемикалии штетни за пчелите.
Научниците одамна предупредуваат за падот на бројот на опрашувачи, кои се клучни за екосистемите и производството на храна.
Државите членки на ЕУ до декември 2026 година мора да воспостават нов систем за следење видови опрашувачи, но запирањето на негативниот тренд сè уште претставува голем предизвик.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik