Нови правила и големи промени во супермаркетите, хотелите и кафулињата

Нови правила и големи промени во супермаркетите, хотелите и кафулињата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Новата европска уредба за амбалажа (PPWR) веќе стапи во сила. Иако дел од правилата веќе се активни, клучните забрани стануваат задолжителни по преодниот период, односно од 1 јануари 2030 година. Целта е драстично намалување на отпадот и целосно исфрлање од употреба на еднократната пластика.

Еве како тоа ќе се промени купувањето во супермаркетите.

Помалку пластика


Одделот за овошје и зеленчук ќе изгледа сосема поинаку. Краставици, пиперки, домати и салати на полиците ќе мора да стојат без амбалажа. Пластичните садови заминуваат во историјата, а купувачите ќе мора да носат сопствени мрежести торбички или да користат хартиени кеси.

Исклучоци: Органските производи и понатаму ќе може да се продаваат во пластика ако трговците докажат дека поинаку не можат да се одделат од конвенционалните производи. Исто така, лесно расиплива стока како бобинки или веќе исечена салата смее да остане во пластика.

Крај за тенките пластични кеси

Тенките проѕирни кеси во одделот за овошје и зеленчук во најголем дел ќе исчезнат до 2030 година. Единствен исклучок ќе бидат хигиенски причини, на пример, за свежо месо. Како алтернатива се наметнуваат повеќекратни мрежести торбички од памук или полиестер што траат со години.

Забранета фолија на пакувањата со пијалаци

На одделот за пијалаци се забранува пластичната фолија што ги држи заедно пакетите вода, сокови или пиво. Ова се однесува и на пластични шишиња и на лименки. Производителите ќе мора да преминат на картонски држачи или да ги продаваат шишињата поединечно. Бидејќи картонот е поскап, можно е благо зголемување на цените на пакетите.

Порцелан наместо пластични чаши

Секој што пие кафе во кафуле повеќе нема да го добива во пластична чаша за еднократна употреба. Кафулињата ќе мора да го послужуваат пијалакот во порцелански шолји или стакло. Истото важи и за еднократниот прибор и садови во мензите и сендвичарниците. За кафе за носење, еднократната амбалажа е дозволена, иако се препорачува користење сопствени термо-чаши.

Исчезнуваат кесичките со шеќер, кечап и мајонез

Исто така, од 2030 година се забрануваат малите пакувања за кечап, мајонез, шеќер или сол во рестораните. Угостителите ќе мора да ги обезбедат овие додатоци во дозери. Исклучок се болниците и домовите за стари лица поради строги хигиенски услови.

Дури и во хотелите повеќе нема да има мали шишенца со шампон и гел за туширање. Хотелите ќе мора да преминат на поголеми пакувања или дозери закачени на ѕидот.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik