Високите банкарски гаранции ќе ги загрозат приватните факултети и високи стручни школи и ќе ја зголемат школарината, забелешки на новиот предлог-закон за високо образование

Високите банкарски гаранции ќе ги загрозат приватните факултети и високи стручни школи и ќе ја зголемат школарината, забелешки на новиот предлог-закон за високо образование

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Приватните високообразовни установи не се согласуваат со новината во членот 51 кој се однесува на висината на банкарската гаранција.

Дел од приватните високообразовни институции во Македонија излегоа со забелешки во однос на предлог-текстот на новиот Закон за високо образование кој деновиве беше поставен на јавна расправа. Тие реагираат на новините што се предлагаат во Законот околу висината на банкарската гаранција која ќе треба да ја обезбедат основачите на приватните високообразовни установи.

Гаранцијата од 25 се зголемува на 100 отсто од школарината за вкупното времетраење на студиите

Така, во членот 51 се предвидува при основање приватна високообразовна установа, „основачот да приложи неотповиклива банкарска гаранција на прв повик во износ од 100 проценти од школарината за вкупното времетраење на студиите за секој циклус на студии. Целта е доколку дојде до нејзино затворање, да им се надоместат средствата на студентите, поради префрлување на студии на иста или слична високообразовна установа во земјата.

Дел од приватните високообразовни установи предлагаат банкарската гаранција на прв повик да биде во износ на школарината за една студиска година за секој циклус на студии.

- Барањето банкарска гаранција во износ од 100 проценти од школарината за вкупното времетраење на студиите е непотребно бидејќи во случај на престанок со работа на високообразовната установа, треба да се надоместат средствата на студентите од тековната година во која се случил престанокот на установата. Така, на пример, за студентите од втора година, нема потреба од надомест за трошоците од прва година бидејќи тие веќе ја добиле услугата. Исто така, нема потреба од надомест за трета година бидејќи тие немаат уплатено школарина за трета година - образложуваат од приватните високообразовни установи.

Според Законот за високо образование од 2010 година, банкарската гаранција беше во висина на школарината на вкупниот број запишани студенти во тековната година, што значи за секоја студиска програма за тековната академска година. А постојниот Закон за високо образование од 2018 пропишува износот на банкарската гаранција да е 25 отсто од вкупната школарина, што за четиригодишни студии повторно е во висина на школарината за академска година.



- Од воведувањето на приватното високо образование во 2001 година досега не се случило да има појава на затворање на приватна високообразовна установа, а да не се решило продолжувањето на школувањето на друга високообразовна установа според досегашното ниво на банкарска гаранција, ако се изземе случајот со Високата стручна школа Факултет за бизнис-економија, кој сѐ уште е во тек - велат од приватните високообразовни установи.

Приватните установи ќе бидат оптоварени со 4 пати поголем износ кон банките

Доколку не се прифатат нивните забелешки, сметаат дека приватните установи ќе бидат оптоварени со трошоци за банкарската гаранција кон банките во 4 пати поголем износ, што во најчест случај е во висина од приходите што се издвојуваа за развој на високообразовната установа. Во тој случај, решението би водело кон загрозување на развојот на установата или кон зголемување на износот на школарината.

- Споменатите две варијанти на последици значат загрозување на развојот на високообразовната организација и/или зголемување на школарината за студентите во корист на четирикратно зголемување на приходите на банките за издавањето на банкарската гаранција - додаваат од установите.
Доколку не се прифати нивниот предлог за промена на членот 51, тие сметат дека ќе бидат оштетени и студентите и високообразовните установи. Корист ќе имаат само банките, а државата нема да добие ништо. 

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите

Фото: freepik