Дали светот е подготвен за автономни агенти со вештачка интелигенција? Новиот кинески „Манус“ отвора нова ера
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали завршуваме со ерата на чет-ботови со вештачка интелигенција и влегуваме во времето на автономни агенти што ќе извршуваат задачи без човечка интервенција? Ако ги прашате кинеските стартапи, одговорот е дефинитивно да.
Минатата недела група кинески инженери претставија нешто што го нарекоа „првиот целосно автономен агент со вештачка интелигенција во светот – „Манус“. Според нивното објаснување, „манус“ на латински значи „рака“ и симболизира агент со вештачка интелигенција кој ќе ги претвора мислите на корисникот во акција.
Вештачка интелигенција што работи без човечки надзор
За разлика од популарните чет-ботови како „Чет-ГПТ“ или „Џеминај“, кои чекаат корисникот да внесе барање, „Манус“ може самостојно да донесува одлуки и да извршува задачи без насочување. Според неговите креатори, тој не чека инструкции од човекот, туку едноставно го завршува она што е потребно.
Она што го издвојува „Манус“ е тоа што не користи само еден модел на вештачка интелигенција, туку управува со повеќе специјализирани „агенти“, слично на менаџер кој координира тим. На овој начин, може да решава сложени проблеми во повеќе чекори, а кога ќе заврши со работата, едноставно го известува корисникот за резултатите, без непотребни објаснувања.
Етички и безбедносни дилеми
Експертите сметаат дека ова е значаен чекор кон целосно независна вештачка интелигенција што потенцијално може да преземе дел од човечките одговорности. Но, дали светот е подготвен да им ја препушти контролата на автономни агенти со вештачка интелигенција?
За разлика од другите системи со вештачка интелигенција, „Манус“ навистина може да претставува закана за работните места бидејќи е дизајниран да ги замени луѓето во различни задачи. Ова отвора сериозни етички и регулаторни прашања – кој ќе сноси одговорност ако системот направи грешка? Светските регулатори сè уште немаат дефинитивен одговор на ова прашање.
Во минатото чет-ботовите со вештачка интелигенција покажаа недостатоци, честопати создавајќи лажни информации. Дали „Манус“ е подобар во овој поглед или не, останува да се види.
Кина го менува балансот на силите во технолошката трка
По моделот „Дипсик“, „Манус“ е веќе вториот револуционерен систем со вештачка интелигенција што доаѓа од Кина. Според експертите, тоа покажува дека Кина не само што ги стигна американските компании во оваа област, туку можеби и ги надмина.
Јасно е дека „Манус“ и идните автономни агенти со вештачка интелигенција ќе го променат односот на силите во оваа технолошка трка. Како ќе реагира остатокот од светот на овој предизвик, останува да видиме.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik