Која крвна група е поврзана со зголемен ризик од мозочен удар пред 60. година?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Истражувањата покажуваат дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик од мозочен удар пред 60. година во споредба со оние со други крвни групи.
Крвните групи се дефинирани од комплексни хемиски маркери на површината на црвените крвни клетки. Најпознатите се А и Б, кои можат да постојат заедно како АБ, поединечно како А или Б, или да бидат целосно отсутни, како кај крвната група 0. Дури и во рамките на овие главни групи постојат суптилни варијации предизвикани од генетски мутации.
Истражување објавено во 2022 година открило јасна поврзаност помеѓу генот за подгрупата А1 и ран мозочен удар.
Истражувачите анализирале податоци од 48 генетски истражувања, опфаќајќи околу 17.000 лица со мозочен удар и речиси 600.000 лица без мозочен удар. Сите учесници биле на возраст меѓу 18 и 59 години.
Геномската анализа покажала дека две локации во геномот се силно поврзани со зголемениот ризик од ран мозочен удар, а една од нив е токму местото каде што се наоѓаат гените за крвните групи.
Дополнителната анализа открила дека луѓето со варијација на генот за крвната група А имаат 16 отсто поголем ризик од мозочен удар пред 60. година во споредба со другите крвни групи. Од друга страна, оние со ген за крвната група 0 имале 12 отсто помал ризик од мозочен удар.
Сепак, експертите истакнуваат дека овој дополнителен ризик е релативно мал и дека луѓето со крвна група А не треба да бидат под посебен надзор или да прават дополнителни медицински прегледи.

Фото: Sciencephoto
- Сè уште не знаеме зошто крвната група А носи зголемен ризик. Можно е причината да се крие во факторите поврзани со згрутчувањето на крвта, како што се тромбоцитите, клетките кои ги обложуваат крвните садови и други протеини што влијаат врз формирањето на тромб - вели д-р Стивен Китнер, васкуларен невролог од Универзитетот во Мериленд.
Иако овие информации може да звучат загрижувачки, важно е да се стават во контекст. Во САД секоја година околу 800.000 луѓе доживуваат мозочен удар, а три четвртини од случаите се кај лица постари од 65 години. Ризикот од мозочен удар се зголемува двојно со секоја деценија по 55. година.
Повеќето учесници во ова истражување биле од Северна Америка, Европа, Јапонија, Пакистан и Австралија, при што само 35 отсто биле од неевропско потекло. Идните истражувања со подетални и поразновидни податоци би можеле да дадат појасна слика за значењето на овие резултати.
Друго важно откритие од студијата било споредбата на лица што доживеале мозочен удар пред и по 60-тата година. Истражувачите анализирале податоци од околу 9.300 лица над 60 години кои претрпеле мозочен удар и 25.000 здрави контролни испитаници од иста возрасна група.
Резултатите покажале дека зголемениот ризик поврзан со крвната група А не бил значаен кај постарите лица, што сугерира дека механизмите што предизвикуваат мозочен удар во помлада возраст се разликуваат од оние кај постарите.
Кај помладите, мозочните удари поретко се предизвикани од наслаги во артериите (атеросклероза), а почесто се поврзани со фактори кои влијаат врз згрутчувањето на крвта.
Исто така, истражувањето покажало дека лицата со крвна група Б имаат околу 11 отсто поголем ризик од мозочен удар во споредба со контролната група, без разлика на возраста.
Претходни истражувања укажуваат дека делот од геномот што ја одредува крвната група е поврзан со калцификација на коронарните артерии, што може да доведе до намален проток на крв и срцев удар. Дополнително, генетските варијанти што ги одредуваат крвните групи А и Б се поврзани со зголемен ризик од згрутчување на крвта во вените (венска тромбоза).
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik