Македонските хероини: Жените во пламенот на слободата и стожер на македонската борба
„Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.“
Народноослободителната борба претставува искрата на отпорот која ги разгоре срцата на балканските народи. Под паролата „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ се обединија југословенските народи за своето постоење и иднина. Организацијата, под водство на КПЈ, беше заснована на хуманост, социјална правда и револуционерни идеи. Социјалните и политичките трансформации зад сцената беа клучни за ослободувањето на Југославија и Македонија. Повикот за борба стануваше сè погласен, а на него одговори и старо и младо, машко и женско – сите решително обединети да го освојат своето слободно и достојно место под сонцето.
Во пресрет на Втората светска војна, политичката активност на жените во Југославија добиваше сè поголем замав. Под раководство на КПЈ, жените беа сведоци на историските превирања и двигатели на промените, носители на храброста, чуварки на идеалите за слобода и правда. Годината 1936 донесе голема акција – „За мир и слобода“, во која 600.000 жени беа креатори за својот бунт против воените сенки што се надвиснуваа над Европа. Година подоцна, нивниот глас одекна по градските улици,на демонстрациите против сè поагресивната фашистичка закана, почнувајќи од Аншлусот на Австрија, преку Минхенскиот договор до Судетската криза. Сепак, најскапиот идеал на човекот тлееше најсилно во македонските женски срца.
Македонските жени одиграа значајна улога во борбата за национална слобода, активно учествувајќи во НОБ како првоборки, болничарки, курирки и организаторки. Тие снабдуваа облека и храна, одржуваа врски, разнесуваа пропаганден материјал и им помагаа на затвореници и илегалци. Нивната пожртвуваност не се гледаше само во храбрите подвизи на боиштата, туку и во борбата за општествени промени. Вклучени во КПЈ, тие му се спротивставија на окупаторот, но и придонесоа за унапредување на положбата на жената, рушејќи патријархални бариери и создавајќи нови социјални вредности. Тие претставуваат стожер на стоичката 'рбетност пред фашистичкиот окупатор.
Меѓу најистакнатите хероини на НОБ е Магдалена Антова, првата партизанска жртва од Куманово, која раководела со просветни групи и била активна во акциите на КПЈ и СКОЈ. Потоа Ибе Паликуќа, една од најмладите народни хероини, започнала како курирка во Дебар, а во 1944 г. станала заменик-комесар на чета во Четвртата албанска бригада. Естреја Овадија-Мара, народна хероина и АСНОМ-ски делегат, била болничарка и комесар во македонските бригади, а Елпида Караманди, како дел од „Пелистер“, организирала логистички активности и пренесувала тајни информации. Битолчанката Ратка Бакалиноска, учесничка од 1943 г., била закана за балистите. Младата Невена Георгиева-Дуња мајсторски криела летоци во фустаните и учествувала во скопски и велешки партизански одреди. Вера Јоциќ, народна хероина и инспирација за песната „Очи“ на Ацо Шопов, била заменик-комесар во повеќе одреди и бригади. Од редот на битолските борки се и Милица Стојчева-Ацева, која тајно помагала со засолништа и материјали; Вера Ангелова, која организирала млади жени и растурала пропаганда; и Василија Алексовска-Кица, млада курирка и првоборка во одредот „Гоце Делчев“ и Првата македонска ударна бригада. Основaњето на АСНОМ беше пресвртница за македонскиот народ, обединувајќи го во борбата за слобода и поставувајќи ја Македонија на патот кон политичка зрелост. Жените во движењето одиграа клучна улога во создавањето на новата реалност, учествувајќи во политичките и социјалните трансформации што ја поттикнаа слободата и правдата. Меѓу шеесетте делегати на АСНОМ се истакнаа и претставничките на женскиот отпор: Веселинка Малинска, Вера Ацева, Мара Нацева, Марија Кабрева, Лилјана Чаловска и Васка Дуганова – хероини кои со својата визија и пожртвуваност го трасираа патот кон слободата. Во редот на носителки на „Партизанска споменица 1941“ е Вера Ацева-Доста, член на Президиумот на АСНОМ, комесар на Шарскиот одред и Првата македонско-косовска бригада, а нејзиниот придонес се бележи и со формирањето на Првиот прилепски партизански одред. Значајна е и Фана Кочовска-Цветковиќ, најмладата народна хероина, учесничка во Февруарскиот поход, борка во одредот „Гоце Делчев“ и раководител на баталјонот „Стив Наумов“. Меѓу носителките на „Партизанска споменица 1941“ се вбројува и асномската делегатка Веселинка Малинска – секретар на Главниот одбор на АФЖ, уредник на „Македонка“ и „Нова Македонија“, пратеничка и член на Претседателството на СРМ. Во НОБ на Егејска Македонија се истакна просветната работничка Мирка Гинова, чиј лик стана симбол на надеж, опеан во песните „Мирка на Гинови“ и „Тихо Мирка заспала“. Таа формираше партизански одред на планината Почеп, беше секретар на АФЖ во Воденскиот округ и загина со достоинство, бранејќи ги своите промакедонски идеали. Споменицата ја носат и гевгеличанката Васка Дуганова, правник и учесничка во АСНОМ од 1945 година, како и Васа Алтипармакова, активистка на АФЖ, задолжена за снабдување и организација на тајни состаноци. Васка Циривири го пренесе својот антифашистички дух врз ќерките Вера и Нада, а нејзината организациска улога во Прилепските комитети ѝ донесе место како прва претседателка на АФЖ. Последната жива народна хероина од Македонија, Мара Нацева, преживеа заточеништво во бугарски логори, по што стана секретар на КПМ, делегат на АСНОМ и член на Президиумот на АВНОЈ. Женскиот ангажман во НОБ кулминира преку антифашистичките одбори, основа на современата локална самоуправа, формирани во 1943-1944 година. Одборничките активно учествуваа во решавањето на проблемите во ослободените територии, поставувајќи темели за Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Првиот одбор на АФЖ беше формиран во Кавадарци во 1943 година, а движењето брзо се прошири. Во септември 1944 година, под водство на Веселинка Малинска, се создаде привремениот Главен одбор на АФЖ. На 15 декември 1944 година во Скопје се одржа конститутивната конференција на АФЖ, каде што 400 делегатки го кренаа својот глас за пораз на фашизмот и учество во народната власт. АФЖ одигра клучна улога во еманципацијата на жените, нагласувајќи го значењето на образованието. Дејствуваше до 1953 година, потоа беше трансформиран во Сојуз на женските друштва, а подоцна во „Конференција за општествена активност и положба на жената“. По независноста во 1991 година, организацијата престана да постои, но нејзината мисија продолжи преку Организацијата на жените на Македонија. Голем придонес на АФЖ беше и создавањето на првото женско списание на македонски – „Македонка“. Првото издание во ноември 1944 година беше отпечатено поетапно во Горно Врановци, Прилеп и Битола. „Македонка“ стана симбол на женската еманципација и борбата за слобода, оставајќи траен белег во македонската историја. Покрај нив, уште 5.740 жени од Македонија храбро учествуваа во НОБ, од кои околу 300 ги положија своите животи за слободата. Признанието „Партизанска споменица 1941“ го носат 141 жена, а 11 од нив беа меѓу првите борци што ја градеа слободна Македонија.
Македонските жени од НОБ и АСНОМ се симбол на храброст и решителност. По создавањето на Република Македонија, тие продолжија да се борат за своите права и рамноправност, оставајќи темели за идните генерации. Денес, нивното наследство инспирира, а жените во Македонија и понатаму играат клучна улога во општеството, носејќи го духот на своите претходнички – непокорни, силни и одлучни во борбата за правда и еднаквост.
Дами мои, вашите амбиции, сила, храброст и упорност нека ги рушат бариерите пред вас на патот кон новите цели.
Со неизмерна љубов и почит кон делото на мојата баба Мариго Божиновска, учесничка во НОБ при НОПО „Даме Груев“, член на ПО на Македонија и околискиот комитет на АФЖ Ресен.
Автор: Магдалена Петровска, дипломиран правник