„Оскарите“ во криза: Дали е време за целосна промена на церемонијата?

„Оскарите“ во криза: Дали е време за целосна промена на церемонијата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На неодамнешната церемонија на доделување на „Оскарите“ видовме бизарна посвета на Џејмс Бонд, но не и оддавање почит на Дејвид Линч, починатиот филмски визионер. Токму овој избор ја покажува длабоката криза со идентитетот на овој некогаш славен настан.

Во неделата, на 2 март, во раните утрински часови, за време на преносот на доделувањето на „Оскарите“, кој траеше нешто повеќе од три и пол часа, еден сегмент беше посветен на франшизата за Џејмс Бонд, а неколку пејачки отпеаја три препознатливи теми од филмовите за Бонд.

Ова беше чудно не само затоа што во последните три години не е објавен ниту еден нов филм за познатиот таен агент, туку и затоа што Мајкл Џ. Вилсон и Барбара Броколи, долгогодишните носители на правата за серијалот, неодамна го пренесоа семејниот бизнис под контрола на компанијата „Амазон“.

Со оглед на тоа што голем број од говорниците таа вечер го фалеа искуството на одење во кино, непријатноста кај гледачите беше уште поголема поради тоа што оваа посвета се совпадна со продажбата на едно од најкултните филмски наследства на стриминг-платформа.

Зарем не би било посоодветно дел од програмата да беше посветен на починатиот Дејвид Линч?

Заборавениот визионер


Американскиот режисер, кој почина во јануари, се смета за еден од најоригиналните визионери на современата кинематографија. Тој четирипати беше номиниран за „Оскар“, а признанието го доби постхумно.

Подоцна, за време на церемонијата, имаше време за посвета на починатиот Квинси Џонс, несомнено легендарен уметник, но кој сепак е познат повеќе во музичкиот отколку во филмскиот свет.



Во овој дел пејачката Квин Латифа ја отпеа темата „Ease on Down the Road“ од мјузиклот „Волшебник“ (1978). Притоа, Џонс не е автор на оваа песна, туку само продуцент на филмската верзија. Со сета должна почит, дали навистина постои филмски љубител кој смета дека „Волшебник“ заслужува повеќе внимание отколку ремек-делата на Линч, како што се „Човек слон“, „Сино кадифе“ и „Мулхоланд Драјв“?

Победници надвор од мејнстримот


На прв поглед, овогодишната листа со добитници изгледа како најрадикалното славење на иновативната, нискобуџетна кинематографија во историјата на „Оскарите“.

И покрај тоа, евтината и веќе видена церемонија заостанува со децении зад вкусот на оние што гласаат.

Најголемите победници оваа година беа „Анора“ и „Бруталистот“, независни филмови на двајца автори со големи идеи, но мали буџети. Ако минатогодишното доделување беше во знакот на „Барбенхајмер“, дали оваа беше во знакот на „Брутанора“ или „Аноралист“?)

„Бруталистот“, сериозна драма на Брејди Корбет, освои награди за музика, филм и најдобар актер. Филмот „Анора“ беше омилен меѓу гласачите.



Оваа трагикомедија на Шон Бејкер освои награди за најдобар филм, режија, оригинално сценарио и монтажа – огромен успех за режисер кој е познат по нискобуџетни, но моќни остварувања.

Главната актерка на „Анора“, Мајки Медисон, ја освои наградата за најдобра актерка и двапати во своите говори ѝ оддаде почит на заедницата на сексуални работнички.

Сепак, не можеше да се игнорира тензијата. Нејзина најголема конкурентка беше Деми Мур, која во филмот „Супстанција“ глуми средовечна холивудска актерка која ја презема нејзината помлада двојничка. Кога Медисон се качи на сцената за да ја прими наградата, а Мур остана на своето место, сцената изгледаше како вистинскиот живот да ја пресликал приказната од „Супстанција“.

„Супстанција“ освои награда за шминка и фризура, што е солидно постигнување за еден луд хорор-филм на француска режисерка.

Церемонијата како телевизиска емисија од минатиот век


Доделувањето на „Оскарите“ оваа година беше предводено од Конан О’Брајан, две години откако Џими Кимел беше домаќин. Ова значи дека три години по ред настанот го води водител на доцновечерни ток-шоу програми, кој раскажува шеги што се чинат како да се извлечени од вакви емисии.



Навистина, О’Брајан е хумористичен и даде неколку остри и цинични политички коментари, но во суштина, вечерта повторно се сведе на комични прозивки на филмови кои можеби и не го заслужија тоа.

Очигледно е дека „Оскарите“ влегоа во ерата на „безбедни раце“ – по скандалот со погрешниот плик кај „Ла Ла Ленд“ и „Месечина“ и шлаканицата на Крис Рок, продуцентите направија сè за настанот да биде просечен и предвидлив.

Церемонијата помина без ништо контроверзно, освен навиката да се прекинуваат говорите на победниците за да има време за скечевите на О’Брајан. Но, форматот стана толку монотон, што повеќе не ја исполнува својата цел.

- Ако сè уште уживате во оваа претстава, тогаш страдате од нешто што се вика Стокхолмски синдром - рече О’Брајан по три часа од почетокот на шоуто. Ако самиот водител се шегува колку е напорно доделувањето на „Оскарите“, тогаш е очигледно дека е време за темелна промена.

Добитниците на „Оскарите“ се променија. Време е да се промени и самата манифестација.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube