30 илјади луѓе во 350 згради: Град без закони каде што децата играле фудбал на покривите, а возрасните сушеле алишта
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сè до 1994 година во Хонгконг постоел мал, но неверојатно густо населен дел од градот кој изгледал како сцена од дистописки филм. Станува збор за Коулун, место толку пренатрупано што било тешко да се замисли како неговите жители можеле да живеат во такви услови.
Овој необичен „град во град“ бил познат како град на темнината, а во еден момент во него живееле повеќе од 30 илјади луѓе во само 350 станбени згради, на површина од 0,026 квадратни километри. Зградите биле натрупани една врз друга, тесните премини биле мрачни, а целото подрачје долго време било надвор од вистинска контрола на властите.
Градот бил преполн со ѓубре, често поврзуван со криминал и речиси целосно преовладувала анархија. Сепак, за многумина тоа било место што будело и љубопитност и страв, а малкумина се осмелувале да го посетат.
Град со стотици покриви
Се проценува дека во градот имало околу 300 меѓусебно поврзани покриви каде што децата играле фудбал, а возрасните сушеле алишта или ги набљудувале авионите што слетувале на блискиот аеродром.
Иако подоцна станал синоним за беззаконие, Коулун на почетокот имал сосема поинаква улога. Бил основан во 1668 година како кинеска воена станица на полуостровот Коулун.
Ситуацијата се променила по Првата опиумска војна, кога во 1843 година Хонгконг паднал под британска колонијална власт. Сепак, утврдениот град опкружен со ѕидини, топови и стражарски кули останал под кинеска управа.
Правен вакуум и раст на населението
Во 1898 година Велика Британија и Кина потпишале договор со кој Хонгконг ѝ бил даден под 99-годишен наем на британската круна. Иако поголемиот дел од територијата преминал под британска контрола, Коулун останал правно нејасно подрачје.
Набргу и Британија и Кина почнале да полагаат право на градот, што создало административен хаос. На крајот, всушност, ниедна власт целосно не го контролирала.
Политичките немири во Кина на почетокот од 20 век дополнително ја промениле судбината на градот. По падот на династијата Кинг во 1912 година и за време на кинеската граѓанска војна, илјадници бегалци пристигнале во Хонгконг, а многумина нашле засолниште токму во Коулун. Бројот на жители за само неколку децении пораснал од неколку стотици на десетици илјади луѓе.
Град на криминал, но и дом за илјадници
Од 50-тите до 80-тите години кинеските криминални групи имале значително влијание во градот, па Коулун станал жариште на проституција, дрога и коцкање. Сепак, мнозинството жители не биле вклучени во нелегални активности.
Жителите на градот живееле во правен вакуум. Ниту колонијалната власт на Хонгконг ниту кинеската влада не управувале со градот.
И покрај тоа што бил рај за криминал, жителите се обидувале да го подобрат животниот стандард и да создадат место каде што нивните деца ќе можат да живеат побезбедно. За жал, тоа не се остварило бидејќи во 1987 година бил донесен план за уривање на градот.
До крајот на 1994 година Коулун бил целосно урнат, а само една година подоцна бил отворен паркот Коулун, кој денес е популарна туристичка дестинација.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Wikipedia