Кинезите ги изградија најдолгите подвижни скали на светот - се протегаат по планина
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Жителите на округот Вушан во Кина долго време се соочувале со голем проблем. За да одат на работа, да го посетат семејството или едноставно да купат намирници, морале да пешачат еден час по стрмни падини и тесни, кривулести патеки.
Но, нивниот проблем сега е решен благодарение на новите подвижни скали за кои се наведува дека се најдолгиот градски систем од ваков тип.
Подвижните скали официјално беа отворени во планинскиот округ Вушан на 17 февруари оваа година, во атмосфера исполнета со црвени фенери и танци со змејови по повод Кинеската Нова година.
Овој огромен проект го претвори напорното едночасовно искачување на планината во лесно 20-минутно возење со подвижни скали, со што животот на локалното население стана многу полесен, а движењето поедноставно и за туристите.
Она што ги прави овие подвижни скали уникатни е нивниот дизајн, кој се протега низ планината со софистицирана комбинација од лифтови и пешачки патеки што ја следат природната околина, создавајќи рамна патека покрај карпите.
Изграден по должината на вертикалната оска на Авенијата на божицата, овој систем долг 905 метри се искачува до импресивни 242,14 метри, што е приближно колку висина на облакодер со околу 80 ката.
Изграден за да издржи остри временски услови, системот е специјално дизајниран да управува со голем локален пешачки сообраќај. Исто така, ги следи природните контури на планината, зачувувајќи го импресивниот поглед кон клисурата Ву и регионот на Трите Клисури за локалното население и туристите. Целиот систем има проѕирна стаклена фасада.
Во текот на пробната фаза патниците можат да ги користат подвижните скали за 3 јуани (околу 38 центи), додека властите ги следат нивните перформанси за да ја одредат конечната цена.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/YouTube/New China TV