Поради организираноста на наставата во две смени, часовите почнуваат рано, па родителите се жалат дека децата им стануваат „од ноќи“, често пати ненаспани.
Наставата во македонските училишта вообичаено почнува порано од европскиот просек. Додека во дел од европските држави се претпочита подоцнежен почеток на наставата, особено во средните училишта, Македонија сѐ уште ги следи старите навики. Со училишното ѕвонче, кое во некои школи ѕвони во 7:15 часот, таа е меѓу државите во Европа каде што наставата почнува најрано. Низ Европа часовите почнуваат помеѓу 7:30 и 9 часот.
-Мислам дека нема родител кој не сака наставата да почнува подоцна, барем околу 8 часот, зашто вака децата ни стануваат „од ноќи“. И во наше време, во социјализмот беше така, но имавме многу помалку воннаставни активности. Сега стануваат многу рано, а потоа одат на спорт, музичко, часови по математика, физика, јазици. Покрај сето тоа, цело време користат електронски уреди и нормално е дека ќе се појавуваат проблеми со видот или деформитети на ’рбетниот столб - велат родители, членови на родителски одбори во училишта во Прилеп и во Куманово.
Навечер учат до доцна, а наутро стануваат од 5 часот
Раниот почеток особено е проблем за средношколците од руралните општини кои учат во градовите, па наутро мораат да фатат и автобус.
- Ние сме од Долнени, а ќерката учи во Прилеп. Кога е претпладне на училиште, станува од 5 часот за да може да се подготви и да стигне навреме за првиот час. Би било помалку стресно доколку часовите би почнувале барем половина час подоцна. Навечер учи до доцна и често е ненаспана - раскажува мајка.
Започнувањето на наставата во 7:15 во некои училишта, а во некои во 7:30 часот, произлегува од организациските потреби на повеќето школи во Македонија, кои работат во две смени. Претпладневна вообичаено со почеток од 7:30 и попладневна со почеток од 13 часот. Смените се менуваат на еден месец.
Попладнето не е слободно – одат на дополнителни часови
Наставниот кадар смета дека најдобра е претпладневната смена зашто учениците потоа се слободни за други активности, но неопходно е училиштето да има современи услови за престој со цел учениците да не чувствуваат замор.
- Од мое искуство и во име на учениците, најдобра смена за работа е претпладневната. Учениците се пофокусирани и поподготвени за учење. Имаат повеќе време по наставата за различни воннаставни активности, повеќе слободно време за хоби, извршување на домашните обврски, спортско-рекреативни активности и слично. Со оглед на големиот број часови што ги имаат учениците и времето за престој според новата концепција, се чувствува замор кај учениците при престојот во училиште. Зошто? Бидејќи мал број училишта имаат современи услови кои ќе овозможат престојот на учениците да биде исполнет со соодветен простор каде што ќе го јадат својот оброк, простор за игра, спортски активности, современи нагледни средства - вели Наташа Тодоровска, долгогодишна наставничка од Битола.
Бидејќи наставата почнува рано наутро, неопходно е учениците вечерата навреме да одат на спиење, со цел да бидат одморени утредента.
- Редовниот и квалитетен сон има директно влијание врз психофизичката состојба, вниманието и концентрацијата на учениците, што е од суштинско значење за успешна реализација на воспитно-образовниот процес. Неопходна е континуирана соработка помеѓу училиштето и родителите преку информирање и едукација за значењето на здравите навики за спиење, како и ограничување на користењето електронски уреди во вечерните часови. Со создавање и почитување на навиките за навремено легнување, може да се обезбедат соодветни услови за започнување на наставата наутро без значително нарушување на вниманието и концентрацијата на учениците - вели Гордана Угриновска, долгогодишна и докажана просветна работничка од Битола.
Оптимално распоредување на дневните активности
Според педагогот Пецо Ројковски, кој помина 40 години работен стаж во образование, почетокот на наставата од 7:30 до 8 часот е разумен период зашто остава простор потоа учениците да посетуваат активности надвор од училиштето.
- Според постојната регулатива, учениците треба да престојуваат во училиштето 6 до 7 часа со редовна настава и изборни предмети, а кога би се додале слободните активности, престојот на учениците во училиште би бил од 7 до 8 часа. Ваквиот почеток на наставата за мене преставува оптимално распоредување на дневните активности на учениците. Значајно е да се спомене дека на повеќето родители работното време им започнува во овој период. Би нагласил дека од педагошки аспект овој период на започнување на наставата им овозможува на учениците да постигнат подобри резултати - вели Ројковски.
Рано почнува и наставата во Германија, а доцна во Исланд
Нема држава во Европа каде што наставата почнува унифицирано во сите училишта во исто време. Дел од школите почнуваат порано, а други од 15 минути до 1,5 час подоцна. Според истражувањето што го спроведовме на интернет, во Европа наставата почнува вообичаено меѓу 7:30 и 8:30, а некогаш и околу 9 часот, особено за повозрасните ученици доколку во школото има и долга пауза за ручек. Најрано почнуваат часовите во Централна и Источна Европа од 7:30 до 8 часот, на пример, во Германија, Австрија, Швајцарија, Чешка, Словачка, Полска, Србија, Бугарија и други. Среден европски модел од 8 до 8:30 часот има во Северна Европа: Шведска, Норвешка, Данска, Финска, Холандија, Белгија, Англија, Ирска и други. Подоцнежен почеток од 8:30 до 9 часот имаат школите во Западна и Јужна Европа: во дел од училишта во Италија, Шпанија. Португалија, Грција и други. Најдоцна во и по 9 часот е поретка практика, но ја има во некои училишта во Шпанија, Франција, Италија и Исланд.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.