Само во Јапонија - министерката задоцни 5 минути на состанок, па ѝ се извини на целата нација

Само во Јапонија - министерката задоцни 5 минути на состанок, па ѝ се извини на целата нација

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Јапонската министерка за економска безбедност Кими Онода беше снимeна како трча од такси за да стигне на состанок на владата во петокот.

Видеото ја прикажува 43-годишната министерка како трча кон зградата со чанта в рака, минувајќи покрај новинари, додека нејзиниот асистент трча по неа. Потоа политичарката е забележана како брза по скалите кон салата каде што се одржувал состанокот.

Снимателските екипи го забележаа и моментот кога јапонската премиерка Санае Такаичи влезе во просторијата, по што членовите на кабинетот станаа. Неколку моменти подоцна, додека министрите ги заземаа своите места, камерата се задржа на празното столче каде што требало да седи Онода.

Министерката од Либерално-демократската партија на Јапонија подоцна ѝ се извини на целата јапонска јавност објаснувајќи дека доцнењето било предизвикано од сообраќајна несреќа.

Онода, која е популарна десничарска политичарка со остри ставови за имиграцијата, во обраќањето до јавноста изјави дека била заглавена во сообраќај поради ненадејна несреќа.

Во Јапонија точноста се смета за исклучително важна, а доцнењето се доживува како непристојно.

Сепак, многу луѓе на социјалните мрежи ја пофалија Онода за брзото извинување, оценувајќи дека нејзината реакција е пример како треба да се постапува.

Извор: Klix.ba
Фото: Screenshot/Youtube