Во Вашингтон поставен провокативен споменик - Трамп и Епстин во култната сцена од „Титаник“

Во Вашингтон поставен провокативен споменик - Трамп и Епстин во култната сцена од „Титаник“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На тревникот на „Нешнл мол“ во Вашингтон се појави необична и провокативна уметничка инсталација која веднаш ѝ го привлече вниманието на јавноста.

Станува збор за скулптура што ги прикажува американскиот претседател Доналд Трамп и покојниот финансиер Џефри Епстин во позата од легендарната сцена од филмот „Титаник“. Делото е од анонимниот уметнички колектив наречен „Сикрет хендшејк“.

„Кралот на светот“

Инсталацијата го носи името „Кралот на светот“, а на неа двете фигури стојат во положба што потсетува на познатата сцена од филмот, во која ликовите Џек и Роуз стојат на предниот дел на бродот со раширени раце.


Скулптурата е висока околу 3,6 метри и е обоена во златна боја, што дополнително ја прави впечатлива за посетителите што минуваат покрај неа.

До скулптурата се поставени и плочи со текст во кој се споменуваат наводите за врската помеѓу Трамп и Епстин, а во близина се поставени и транспаренти со нивна заедничка фотографија.

Со ова дело авторите комбинираат препознатлива филмска сцена со политичка и општествено чувствителна тема. На плочата стои и сатиричен текст во кој се споредува фиктивната љубовна приказна од „Титаник“ со нивното пријателство, опишано како врска изградена на луксузни патувања, диви забави и тајни цртежи.

Колективот „Сикрет хендшејк“ и претходно поставувал контроверзни скулптури во Вашингтон. Во 2025 година постави статуа на Трамп и Епстин како се држат за раце, но брзо беше отстранета од властите.

Статуата се наоѓа во близина на Капитол и, според американските медиуми, таму ќе биде поставена кратко време, по што ќе биде отстранета.

 

Фото: Screenshot/YouTube