Бумбарите ги изненадија научниците со нивните вештини за социјално учење

Бумбарите ги изненадија научниците со нивните вештини за социјално учење

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во едно револуционерно откритие се покажа дека бумбарите поседуваат досега невидено ниво на когнитивна софистицираност. 

Една нова студија открива дека тие можат да научат сложени задачи од повеќе чекори, преку социјална интеракција, дури и ако не можат сами да ги сфатат. Ова го оспорува долгогодишното верување дека таквото напредно социјално учење е единствено за луѓето, па дури и укажува на присуство на клучни елементи на кумулативната култура кај овие инсекти.

Предводен од д-р Алис Бриџис и професорот Ларс Читка, истражувачкиот тим дизајнирал кутија со загатки во два чекора која бара од бумбарите да извршат две различни дејства во низа за да добијат слатка награда на крајот. Обучувањето на бумбарите да го прават тоа не било лесна задача, а морало да им се помогне со давање дополнителна награда. Оваа привремена награда на крајот била одземена, а бумбарите потоа морале да ја отворат целата кутија, пред да го добијат своето задоволство.

Изненадувачки, додека одредени бумбари се мачеле да ја решат загатката кога почнувале од нула, оние на кои им било дозволено да набљудуваат обучен бумбар „демонстратор“ лесно ја научиле целата низа - дури и првиот чекор.

Оваа студија покажува дека бумбарите поседуваат ниво на социјално учење за кое претходно се мислело дека е присутно само кај луѓето. Тие можат да споделуваат и да стекнат однесувања кои се надвор од нивните индивидуални когнитивни способности: способност за која се смета дека ја поткрепува сложената природа на човечката култура и онаа што претходно се сметаше дека е ексклузивна само за човечкиот вид.

- Ова беше исклучително тешка задача за бумбарите. Тие мораа да научат два чекора за да ја добијат наградата, при што првото однесување во низата беше ненаградено. Првично требаше да ги обучиме бумбарите демонстратори со вклучена привремена награда, истакнувајќи ја сложеноста. Сепак, другите бумбари ја научија целата низа од општественото набљудување на овие обучени бумбари, дури и без да ја добијат наградата од првиот чекор. Но, кога ги оставивме другите бумбари да ја отворат кутијата без да имаат бумбар демонстратор, тие не успеваа - истакна д-р Бриџис.


Ова истражување отвора нови патишта за разбирање на интелигенцијата на животните и еволуцијата на социјалното учење.

Извор: Phys.org

Фото: Freepik