Рекордно топлиот март ги загрижува научниците

Рекордно топлиот март ги загрижува научниците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Климатските промени би можеле да навлезат во доменот на „неистражени феномени“ доколку температурите не се намалат до крајот на годината, велат научниците.

Март беше најтоплиот месец во светот откако биле воведени мерењата, а рекордот беше соборен 10 пати. Сега научниците се загрижени дека светот влегува во нова фаза на климатски промени, кои се забрзуваат.

За некои од неодамнешните горештини научниците го обвинуваат метеоролошкиот феномен наречен „Ел Нињо“.

Иако се очекува пад на температурите по смирувањето на „Ел Нињо“ во наредните месеци, некои експерти се загрижени дека тоа сепак нема да се случи.

- Ако продолжиме да имаме рекордни температури во северниот дел на Атлантикот до крајот на летото, тогаш сигурно зачекоруваме на непозната територија - вели Гевин Шмит, директор на Институтот за вселенски студии „Годард“ на НАСА.

Март 2024 година беше за 1,68 степени потопол отколку во прединдустриското време, односно пред луѓето да почнат да согоруваат големи количини фосилни горива, покажуваат податоците на Европската служба за климатски промени, „Коперник“.

mark

Засега, долгорочните трендови на затоплување сè уште се во согласност со очекувањата, а повеќето научници не веруваат дека климатските промени влегле во нова фаза. Сепак, тие не можат да објаснат зошто крајот на 2023 година беше толку топол.

Температурите почнаа да уриваат рекорди минатиот септември, кога „Ел Нињо“ сè уште беше во почетната фаза, така што тоа не може да го објасни скокот на температурите.

Сè потешко е да се предвиди иднината на климата

- Ако се покаже дека не можеме да ги предвидиме климатските промени врз основа на расположливите статистички податоци од претходните години, правењето прогнози ќе стане многу потешко - вели д-р Шмит.

- Сè уште се обидуваме да разбереме што ги предизвика драматичните промени на крајот од минатата година и колку долго ќе продолжи оваа ситуација - се согласува д-р Саманта Бурџис од Коперник.

„Ел Нињо“ полека опаѓа, а се очекува да заврши во следните неколку месеци.

Иако научниците не се сигурни како точно ќе се развиваат условите во Тихиот Океан, според моменталните прогнози, се очекува студена фаза на „Ел Нињо“ подоцна оваа година. Заладувањето на површината на морето би довело до привремено опаѓање на глобалните температури на воздухот.

Експертите велат дека едно е сигурно: неопходно е намалување на емисиите на гас за да се запре понатамошното затоплување на планетата.

- Имаме глобална рамка за намалување на емисиите за да се обидеме да го ублажиме влијанието на климатските промени. Разбирам дека постојат предизвици, но ако не реагираме, доаѓа иднина во која температурите од 2023 година ќе бидат новата нормала. Колку брзо ќе се случи? Тоа зависи од нас- вели д-р Анџелик Мелет од „Меркатор оушн интернешнл“.

Извор: ВВС
Фото: Freepik