Брилијантни авторки што пишувале под машки псевдоними

Брилијантни авторки што пишувале под машки псевдоними

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Долго пред социјалните мрежи да создадат тренд на анонимни автори, некои од најголемите гласови во литературата ги објавувале своите дела под сосема друго име.

Зошто? Во свет каде што авторките честопати биле потценувани, усвојувањето псевдоним било стратегија за создавање кариера. Рецензиите знаеле да бидат потценувачки, издавачите скептични, а читателите пристрасни пред дури и да погледнат во првото поглавје од делото.

Па така, неколку жени во историјата поставиле машко име на корицата од нивните дела и продолжиле со својата работа.

Ова се неколкуте брилијантни авторки што докажале дека талентот го надминува името на корицата.

Мери Ан Еванс и Елизабет Гаскел

Пишувајќи под името Џорџ Елиот, таа објавувала романи во 19 век на теми што опфаќале морал, психологија и општество, што ги вџашило читателите. „Мидлмарч“ не само што бил успешен наслов, туку станал и еден од најпочитуваните романи во книжевната историја. Псевдонимот бил осигурување дека критичарите ќе се фокусираат на содржината на нејзиното дело, а не на нејзиниот пол.

Елизабет Гаскел, исто така, накратко ја тестирала оваа стратегија објавувајќи ги своите рани дела („Мери Бартон“, „Север и Југ“) под името Котон Мадер Милс. Иако на крајот го открила својот идентитет, псевдонимот бил начинот Гаскел да отвори врати во ерата што ги замолчувала женските гласови за општествените прашања.

Сестрите Бронте (Браќата Бел)

Шарлот, Емили и Ен Бронте не избрале само случајни машки псевдоними - туку избрале соодветни. Како Карер, Елис и Актон Бел, сестрите ја објавувале својата поезија и проза без да го откријат својот пол. Се сомневале дека писателките биле неправедно осудувани и не грешеле. Под тие имиња се објавиле „Џејн Ер“, „Оркански височини“ и „Агнес Греј“, оставајќи неизбришлива трага во литературата. Кога нивниот идентитет станал јавен, било јасно дека експериментот се исплатил бидејќи нивните романи веќе биле широко признати и почитувани.

Луиза Меј Алкот и Амандин Луси Аурор Дупен

За некои писатели, машкиот псевдоним не значел само почит, туку и слобода. Луиза Меј Алкот, позната по создавањето на целокупниот свет на „Мали жени“, исто така имала афинитет кон поостра фикција. Под името А.М. Бернард таа пишувала трилери исполнети со страст и тајни што не се совпаѓале со нејзиниот јавен имиџ. Псевдонимот ѝ дозволувал да биде инвентивна колку што сакала, без да ги збуни читателите кои очекувале потрадиционални приказни.


Во меѓувреме, во Франција, Жорж Санд (Амандин Луси Аурор Дупен), умот што стои зад „Индијана“, усвоила машко име што одговарало на нејзиниот неконвенционален живот. Дружејќи се, пишувајќи, па дури и облекувајќи се надвор од очекуваните норми, таа го користела својот псевдоним и како штит.

Овие авторки сакале да бидат слушнати. Нивните псевдоними биле алатки, а не маски, што се користеле за заобиколување на општествените граници што ги попречувале нивните способности. Денес, им оддаваме почит на нивните вистински идентитети и храбри духови преку делата што му ги подариле на светот, знаејќи дека нивните гласови продолжуваат да инспирираат промени.

Извор: mentalfloss.com

Фото: Freepik