Димовски, Јовановска, Тодоровска, Порјазовски и Ѓорѓијевски - победници на државниот натпревар по географија

Димовски, Јовановска, Тодоровска, Порјазовски и Ѓорѓијевски - победници на државниот натпревар по географија

Давид Димовски и Душица Тодоровска од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, Мартина Јовановска од „Митко Пенџуклиски“ во Кратово, Калин Порјазовски од скопското училиште „Лазар Танев“ и Стефан Ѓорѓијевски од „Васил Антевски Дрен“ се учениците што годинава освоија најголем број бодови на државниот натпревар по географија за средно образование, кој се одржа на 7 мај.

Натпреварот се одвиваше на три платформи – „Мајкрософт тимс“, „Зум“ и „Вебекс“, односно на платформа на која учениците ја следат наставата. Организатор на натпреварот беше Македонското географско друштво, чиј претседател е проф. д-р Билјана Апостоловска-Тошевска од Природно-математичкиот факултет. Олимпијадата годинава треба да се одржи во Кина, но засега тоа е неизвесно.

- На државниот натпревар учествуваа 63 ученици, селектирани низ општинските и регионалните натпревари. Учествуваа ученици од прва, втора и од трета година гимназиско образование и ученици од средни училишта од економско-правна струка и угостителско-туристичка струка. Секоја категорија ученици се натпреваруваат со решавање посебен тест кој содржи прашања од материјалот што се изучува, но продлабочени со нови сознанија: пресметка на одредени географски параметри, ориентација во простор, користење и читање сателитски снимки и компјутерски модели на релјеф. Оттаму не е потребно само научено четиво, туку и „географско читање и доживување на просторот“ – информира професорката Апостоловска-Тошевска.

Поради неопходноста натпреварот да се спроведе онлајн, во реализација на натпреварот биле вклучени повеќе лица од Институтот за географија, како набљудувачи и тестатори.
Честитки за учениците и нивните ментори!