Ако вам ви е тешко да го наместите креветот, погледнете како им е на овие два хуманоидни роботи
Во светот на роботиката е постигнат значаен напредок во извршувањето сложени задачи, овој пат во спалната соба. Компанијата „Фигјур“ ја демонстрира работата на два свои хуманоидни роботи, опремени со системот „Хеликс-02“, кои успеаја целосно да ја наместат спалната соба за помалку од две минути.
За разлика од досегашните решенија, овие роботи не користат заеднички планер, ниту разменуваат пораки, туку се потпираат на сопствените камери и невронската мрежа за да ги предвидат намерите на партнерот исклучиво врз основа на движењата.
Роботите извршија низа комплексни дејства, како отворање врати, закачување облека на закачалка и прецизно одложување предмети. Посебно се истакнува способноста за балансирање на една нога при користење на кантата за отпадоци, како и туркање мебел, при што роботот го користи целото тело, одржувајќи рамнотежа.
Соработка без комуникација
Најтешкиот дел од задачата претставуваше заедничкото местење на креветот. Покривката, која е мека, бара од роботот постојано да ги предвидува потезите на партнерот. Секој робот мора да донесе илјадници правилни одлуки во секунда додека ткаенината се собира, се растегнува или се лизга.
Фактот дека роботите работат во пар дополнително ја отежнува ситуацијата бидејќи секоја акција на едниот робот ја менува ситуацијата на другиот робот. Со тоа се имитира човечката интеракција, каде што, на пример, при диплењето чаршаф разбирањето се постигнува со набљудување на работата што ја прави другиот.
Овој развоен пат укажува на иднина во која интелигентните хуманоидни роботи ќе станат вообичаени во опкружувањето на луѓето, способни за координација со луѓе или други роботи со цел постигнување заеднички цели.
Фото: принтскрин/јутјуб