Експеримент што денес би бил забранет: научници се обиделе да предизвикаат шизофренија кај здрави луѓе
Современата психијатрија, каква што ја познаваме денес, не настанала случајно. Таа се развивала преку низа храбри, но и контроверзни експерименти, од кои многу денес би биле прогласени за неетички. Еден од најшокантните обиди бил вештачко предизвикување шизофренија кај здрави луѓе.
Во центарот на оваа приказна се наоѓа американскиот психијатар Бертон Ангрист, кој кон крајот на 60-тите години од минатиот век се обидел да ја разбере оваа тешка ментална болест на сосема поинаков начин. Во тоа време медицината немала решение за шизофренијата. Лековите можеле само да ги ублажат симптомите кај некои пациенти, но не и да ја излекуваат болеста, а често носеле и сериозни несакани ефекти.
Поради тоа, научниците дошле до радикална идеја: наместо да бараат лек, да се обидат привремено да ја предизвикаат болеста. Верувале дека таквиот пристап може да им помогне на лекарите подобро да ги разберат пациентите, но и да ги откријат биолошките причини за болеста. Претходните обиди со ЛСД не дале резултати, па наскоро се појавил нов „кандидат“ - амфетамините.
Ангрист, работејќи во психијатриска болница во Њујорк, забележал интересен образец. Луѓето што земале големи количини амфетамини често развивале симптоми речиси идентични со шизофренија: слушале гласови, имале халуцинации и губеле контакт со реалноста. Она што дополнително ги изненадило лекарите било тоа што симптомите исчезнувале по престанувањето на дејството на дрогата.
Но се поставило клучно прашање: дали дрогата ја предизвикува психозата или само „активира“ проблем што постои? Единствениот начин да се дознае било да се направи експеримент.
Пролетта 1969 година Ангрист собрал неколку доброволци и под контролирани услови им давал амфетамини. Дозите постепено се зголемувале, со постојан медицински надзор, сè додека не се појавиле симптоми на психоза. Резултатите биле драматични. Еден учесник почнал да халуцинира и да верува дека некој го набљудува, додека друг го изгубил логичниот тек на мислите и развил заблуди за своја „посебна мисија“.
Како настанала клучната теорија за шизофренија?
Овие откритија го поттикнале развојот на една од најважните теории во психијатријата - допаминската теорија за шизофренија. Научниците заклучиле дека амфетамините предизвикуваат психоза преку зголемување на нивото на допамин во мозокот, што довело до претпоставка дека токму овој невротрансмитер има клучна улога во болеста.
Подоцнежните истражувања покажале дека антипсихотиците дејствуваат така што ги блокираат допаминските рецептори, со што дополнително се зацврстила оваа теорија. Сепак, денес е јасно дека реалноста е посложена и дека шизофренијата не е една болест, туку група нарушувања во кои учествуваат различни биолошки и животни фактори.
Бертон Ангрист подоцна изградил успешна кариера и дал значаен придонес во разбирањето на менталните болести. Но и самиот признал дека неговиот експеримент денес тешко би ги поминал етичките стандарди. И покрај тоа, многу експерти сметаат дека токму овој контроверзен пристап бил пресвртница во разбирањето на шизофренијата.
Извор:
Dnevno.hr
Фото: Pexels