Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, 30 години почесна конзулка на Франција: „Францускиот јазик им го отвори патот во образованието и професијата на генерации млади од земјава“

Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, 30 години почесна конзулка на Франција: „Францускиот јазик им го отвори патот во образованието и професијата на генерации млади од земјава“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дипломира романска филологија на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работеше како раководител на Секторот за настава, наука и меѓународна соработка при Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола.
Калиопа Кривашија-Стилиновиќ учествувала во голем број меѓународни проекти, обуки, семинари, симпозиуми, тркалезни маси... Преведувала за Народниот театар во Битола. Конзулката е одликувана со: Академски палми во 1996, со Орден за заслуги во 2010 и со Легија на честа во 2015 година.

Францускиот јазик го зборувате како мајчин. Од каде љубовта кон него?

-Љубовта кон францускиот јазик потекнува од моето детство и семејната средина, каде што француската култура беше присутна и негувана. Го изучував од најрана возраст. Најпрво преку приватни часови, а потоа и низ процесот на формално образование. Имав можности да престојувам во Франција во повеќе наврати, како ученичка во основно, потоа во гимназиските години, користев и стипендија за престој доделена на Факултетот. Во текот на работењето имав можност да бидам дел од многубројни обуки на француските и на други универзитети и сето тоа имаше свое влијание. Јазикот ми стана не само средство за комуникација, туку и дел од мојот идентитет.
Љубовта кон францускиот јазик не е нешто што се учи – таа се живее. За мене, тоа беше потврдено и на еден многу посебен начин: пролетта 2016 година во францускиот весник „Le Monde“ беше објавен текст во кој се споменува и моето име, во контекст на љубовта кон Франција – „Les mots…“ Тој момент го доживеав многу лично и емотивно, како тивко признание дека врската што ја чувствувам кон француската култура е вистинска и препознаена.

Одбележавте јубилеј - 30 години конзуларно дејствување. Што беше пресудно да ја добиете функцијата почесен конзул на Франција во Македонија?

-Моето именување не се случи преку ноќ. Тоа беше подолг природен процес на ангажман во франкофонската културна сфера во Битола. Уште пред тоа активно работев на промоција на францускиот јазик и култура. Сепак, пресудно беше доаѓањето на првиот француски амбасадор во нашата земја во Битола, господинот Патрик Крисман, во придружба на мојот омилен универзитетски професор, писателот д-р Луан Старова, со кого во текот на студирањето изградив една силна поврзаност. Во последните две години на факултет, паралелно со студиите, бев ангажирана како библиотекар на Катедрата за романска филологија. Предлогот дојде извесно време по првата средба со амбасадорот. Веројатно покрај „препораката“, токму таа комбинација на посветеност, познавање на културниот контекст и активна работа беше пресудна за довербата што ми беше укажана. 



Кои се обврските што ги имате како почесен конзул?

- Во практика, почесните конзули на Франција се, и тој израз многу ми се допаѓа, „антени“ на своите матични амбасади. Тоа значи една жива и исполнета работа: логистичка поддршка, средби, разговори, организирање културни настани, посредување, поддршка на институционални соработки, како и помош за француски државјани кои живеат или престојуваат во регионот. Особено значаен дел од работата е културната дипломатија – градење мостови меѓу луѓето преку јазикот, образованието, културата воопшто...

Сте придонеле за многу соработки меѓу Македонија и Франција. Кои се позначајни?

-Може да се пофалам дека во континуитет ја одржувам „жива“ релацијата Битола - Епинал посредувајќи меѓу двете општини. Станува збор за најстаро и најдолго збратимување, пример за активна и длабока партнерска врска. Соработката меѓу Битола и Франција се развива на повеќе нивоа – во образованието, културата, но и во негувањето на заедничката историска меморија. Особено би ги издвоила проектите што оставаат видлива и трајна трага во јавниот простор и во колективната свест. Таков пример е муралот во Општина Битола, за чија репродукција ни беа отстапени авторските права од семејството на современиот француски уметник Жан Пејрисак. Тука се и проектите за заштитата на културното наследство: Сигналитика, Инвентаризација на битолската чаршија и други.
Многу активно и одблиску го следев процесот на изградба на Меморијалот на француските гробишта во Битола. Тоа место не е само чувар на меморијата, туку и силна порака за почит и одговорност на генерациите. На културен план, реализирани се многу изложби, концерти и книжевни, филозофски средби, научни симпозиуми кои придонесуваат за зближување на двете култури. Важни се и проектите во цивилната заштита, преку кои се разменуваат практични искуства за справување со кризни ситуации.



Сте постигнале и многу придобивки во областа на образованието, кои би ги издвоиле?

- Би ги издвоила универзитетските и училишните проекти и размени, како и поддршката на франкофонските програми, кои им овозможуваат на младите да стекнат нови знаења и искуства. Во изминатите три децении образовната соработка со Франција се градеше континуирано и посветено, со активна вклученост на многу институции: Француската алијанса, Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ - Битола со билингвалната паралелка, Француската амбасада, Францускиот институт во Скопје, додека Француското конзуларно претставништво во Битола континуирано им даваше силна локална поддршка на овие иницијативи.
Она што останува како најголема вредност се генерациите млади луѓе кои преку францускиот јазик го пронајдоа својот пат, за кои тој стана додадена вредност во нивното образование и професионален развој. Најголемата награда е кога гледате како се отвораат нови хоризонти; кога еден млад човек ќе ја открие Франција, тоа е доживување што трајно се памети. Од личен и професионален аспект, би ја издвоила мојата работа во рамките на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, особено на досието за членство во Agence universitaire de la Francophonie, што резултира со приклучување на Универзитетот кон оваа значајна франкофонска мрежа. Паралелно беа реализирани многу проекти и партнерства со француски универзитети во Ница, Ле Ман, Лил, Бордо и други, со што се отворија нови можности за академска размена и соработка.
Особено значајни беа и вклучувањата во европските програми како Темпус и Erasmus Mundus, благодарение на блиското партнерство со Универзитетот на Азурниот Брег (поранешен Софија Антиполис – Ница). Овие процеси придонесоа и за пошироко меѓународно вмрежување, вклучително и учеството на Универзитетот во Европската универзитетска алијанса „Колорс“.

Кои се предизвиците за една жена конзул?

- На почетоците имаше одредени перцепции на функцијата како „машка“. Но, со текот на времето, тие бариери се надминаа и единствени критериуми се работа, професионалност и доследност. Верувам дека жените носат дополнителен сензибилитет во дипломатијата – особено во делот на комуникацијата, посветеноста и градењето доверба.



Со кои видни личности од Франција сте оствариле лични средби во изминатите години?

- Во текот на годините имав чест да се сретнам со многу француски дипломати, политички личности, амбасадори, познати новинари, како и културни дејци, писатели, уметници, личности од светот на филмот... Во 1996 година Француското конзуларно претставништво го инаугурира господинот Филип Сеген, претседател на Француското национално собрание. Секоја средба носи своја вредност, но особено се паметат оние во кои се чувствува искрена поддршка за нашите иницијативи. Имало и симболични подароци и пораки, но највредно е чувството на пријателство и почит што се гради низ тие контакти. Понекогаш и неформалните моменти можат да создадат силни врски.

Фото: приватна архива