Наполни 100 години, а е полн со енергија - ова е намирницата што Дејвид Атенборо воопшто не ја јаде

Наполни 100 години, а е полн со енергија - ова е намирницата што Дејвид Атенборо воопшто не ја јаде

Сер Дејвид Атенборо наполни 100 години, а неговата виталност и понатаму воодушевува милиони луѓе низ светот. Познатиот британски биолог и автор на документарни филмови за природата смета дека исхраната е една од клучните причини за неговата долговечност.

Дејвид Атенборо е роден на 8 мај 1926 година во Лондон. Студирал зоологија на Универзитетот „Кембриџ“, а од 1952 година е поврзан со британскиот јавен сервис Би-би-си, за кој создава документарни филмови и серии за природата. Меѓу неговите најпознати проекти се „Живот на Земјата“, „Сина планета“, „Нашата планета“ и „Годината што го промени светот“. Во 1985 година кралицата Елизабета Втора му ја додели титулата витез за неговиот придонес.

За неговата огромна популарност говори и фактот што за само 24 часа по отворањето на неговиот инстаграм-профил почнале да го следат повеќе од милион луѓе.

Намирницата што речиси ја исфрлил од исхраната

Иако не е строг вегетаријанец, Атенборо значително го намалил внесот на црвено месо бидејќи верува дека тоа може да придонесе за подолг и поздрав живот.

Уште во 2017 година зборувал за промените во својата исхрана. Тогаш открил дека јаде сирење и риба, но генерално ги ограничил производите од животинско потекло.

Биологот, кој тогаш имал 98 години, особено го намалил внесот на говедско, јагнешко, овчо, свинско и козјо месо, како и дивеч.

Какви се придобивките од намалување на црвеното месо?

Според научни истражувања, прекумерната консумација на преработено и црвено месо може да го зголеми ризикот од рак на дебелото црево. Многу производи од животинско потекло содржат и големи количини заситени масти, кои го покачуваат холестеролот и го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања.

Експертите од „Харвард хелт“ препорачуваат луѓето што сакаат да го намалат внесот на црвено месо да бараат други извори на протеини. Како најдобри алтернативи се издвојуваат рибата, пилешкото и мисиркиното месо, јаткастите плодови, гравот, млечните производи со низок процент на масти и интегралните житарки.

Намалениот внес на црвено месо се поврзува и со помал ризик од дијабетес тип 2. Исхраната со помалку месо најчесто содржи помалку калории и масти, што помага во одржувањето здрава телесна тежина. Влакната од овошјето, зеленчукот и житарките придонесуваат за подобар метаболизам и поздрава цревна микрофлора.

Страв од стареење и од Алцхајмеровата болест

И покрај здравиот начин на живот и менталната активност, Атенборо отворено зборува за своите стравови поврзани со стареењето.

Во разговор со Андерсон Купер во 2021 година, тој признал дека стравува од губење на когнитивните способности и можноста да стане беспомошен поради Алцхајмерова болест.

Во интервју за „Телеграф“, Атенборо изјавил дека е свесен и ја прифаќа можноста еден ден да го изгуби помнењето.

И покрај тоа, тој и понатаму останува едно од најпрепознатливите лица во светот на документарните филмови, продолжувајќи да го позајмува својот глас за емисиите на Би-би-си посветени на дивиот свет.

Извор: Mondo.rs
Фото: Instagram