Птиците во европските градови повеќе се плашат од жените отколку од мажите
Звучи изненадувачки, но птиците во европските градови повеќе се плашат од жените отколку од мажите, покажа студија објавена во списанието „Пипл енд нејчр“.
Во студијата, која беше спроведена во пет европски земји, беа вклучени и мажи и жени (усогласени по висина и облека) кои одеа по права линија кон птиците во градските паркови и зелените површини. Научниците го проучуваа однесувањето на 37 вида птици, меѓу кои гулаби, врапчиња, гаврани, врани...
Врз основа на 2.701 набљудување направени помеѓу април и јули 2023 година, научниците открија дека мажите можеле да им се приближат на птиците еден метар поблиску отколку жените.
Исти резултати во сите 5 земји
Резултатите беа исти во сите пет земји: Чешка, Франција, Германија, Полска и Шпанија. Понатаму, резултатите беа исти кај сите 37 вида проучувани птици: од оние што обично рано бегаат, како страчките, до оние што подоцна бегаат, како гулабите. Научниците заклучуваат дека градските птици можат да го препознаат полот на личноста што им се приближува, но немаат добро објаснување зошто повеќе се плашат од жени отколку од мажи.
Научниците изнесоа неколку идеи зошто градските птици побрзо бегаат од жените
На пример, посочуваат дека феромоните, обликот на телото или одот би можеле да бидат фактори. Но, тимот напоменува дека немале ниту една учесничка која прибирала податоци додека имала менструација, кога се засилуваат специфичните мирисни соединенија на женското тело, аспект кој би можел дополнително да се истражи.
Научниците истакнуваат дека студијата е прелиминарна и потребни се повеќе податоци за да се потврди дека ваквото однесување на птиците не е само случајност.
- Дополнителни студии би можеле да се фокусираат на одредени фактори, како начинот на движење, мирисите или физичките особини, тестирајќи ги одделно, наместо да ги групираат под полот на набљудувачот - изјави д-р Јанина Бенедети од Чешкиот универзитет за природни науки во Прага.
Фото: freepik