И учениците од Камбоџа стануваат дел од напорите за пронаоѓање решенија за климатските промени

И учениците од Камбоџа стануваат дел од напорите за пронаоѓање решенија за климатските промени

Подготвил: Тамара Гроздановски

Учениците во Камбоџа ги искусуваат климатските промени од прва рака. Втор пат во четири години, училишните часови морале да бидат намалени низ целата земја, поради рекордни топлотни бранови во сувата сезона. Сега, овие ученици стануваат дел од напорите да се пронајдат решенија.

Климатските промени имаат потенцијал да вратат 100 милиони луѓе во сиромаштија во текот на наредните 15 години. Ова е огромна закана за нашите економи и општества, бидејќи зголемените температури и природните катастрофи влијаат врз здравјето на луѓето, безбедноста и системите за храна.

Многу пати се зборувало за огромните суми пари потребни за справување со климатските промени и за изградба на инфраструктура отпорна на климатските промени, која ќе ги направи земјоделските и здравствените системи поотпорни на климатските промени.

Но, земјите во развој се соочуваат со уште една голема пречка во борбата против климатските промени: финансирањето може да се искористи добро само ако земјите ги имаат потребните знаења и вештини за да ги проценат климатските закани, да развијат иновативни решенија и да ги имплементираат истите. Без такво критичко знаење и потребни вештини, светот ќе биде сериозно спречен во борбата против климатските промени.

Од инженери до здравствени работници, од урбанистички планери до архитекти и агрономи, новата генерација професионалци ќе го формира јадрото на борбата против климатските промени. Тие ќе бидат исто важни колку и финансирањето, за да ги направиме нашите општества поотпорни и да ги искористиме можностите на зелената економија.

Во Камбоџа, брзорастечка но климатски чувствителна земја, притисокот за подобра клима и еколошко образование е веќе во тек, како дел од пошироките напори за промовирање на науката и технологијата.

1
Фото: Phnom Penh Post

Камбоџа, со поддршка од Европската унија, Шведска и Програмата за развој на Обединетите нации, ги интегрира климатските промени во нова и проширена наставна програма за средните училишта, што ќе биде спроведена до 2020 година. Учениците од 10 до 12 одделение ќе учат за факторите што ги управуваат климатските промени и профилот на ранливост на земјата. Исто така, тие ќе учат за клучните пристапи и технoлогии, како и прилагодување на влијанието на климатските промени и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Покрај тоа, министерствата за животна средина и образование, кои работат заедно, воведоа концепт на еко-училиште, како начин да се ангажираат младите и образовни службеници во решавање на проблемите поврзани со животната средина и климатските промени. Во 15 пилот училишта поддржани од Алијансата за климатски промени во Камбоџа, учениците добија дополнителна настава поврзана со климатските промени и работеа заедно со наставниците на проекти како што се садење дрвја и паметно земојоделство. Овој тип на пристап, што комбинира формална настава и практичен ангажман на младите, е важен за ефективен одговор кон климатските промени.

Две третини од населението во Камбоџа е под 20 години, а оваа генерација има огромен потенцијал да го формира развојот на оваа земја. Со соодветно образование и ангажирање, тие би можеле да создадат побарувачка за поотпорни, ниско-јаглеродни решенија и да ги обликуваат одлуките за инвестирање во приватниот и јавниот сектор. Ова движење е веќе во тек во земјите низ светот. На пример во Шведска, учениците како Грета ТУнберг се лидери за создавање на поамбициозни климатски акции, преку активизам, вклучувајќи штрајкови за климата.

Во Камбоџа, придобивките од образованието и напорите за подигнување на свеста се веќе очигледни. Неодамнешните истражувања покажуваат дека 85 отсто од испитаниците имаат основно разбирање за причините за климатските промени, а 98 отсто може да идентификуваат некои од нејзините влијанија. Но, останува сериозна празнина во познавањето на потенцијалните одговори, при што 37 отсто од оние кои биле прашани, не можеле да идентификуваат било каква опција за ублажување или прилагодување на климатските промени.

Климатското образование исто така ја зголемува свеста за работните можности во климатски-паметна економија. 65 милиони нови работни места би можеле да бидат создадени до 2030 година во транзицијата кон климатски паметна економија. Оваа транзиција ќе генерира промени во побарувачката на работни места во секторите, но и ќе бара нови вештини за постоечките работни места.

Предвидувањето на овие промени и обезбедување на висококвалитетно образование за овој нов пазар е голем предизвик. Со поддршка од владата, шест универзитети во Камбоџа почнаа да ги вметнуваат климатските промени во релевантните наставни програми и да преземат мерки за зголемување на климатските истражувања преку стипендии и партнерства со меѓународни академски институции.

Сите овие мерки упатуваат во вистинска насока и укажуваат на политичка волја за искористување на потенцијалот на следната генерација за транзиција кон поотпорна нискојаглеродна економија.

Акцијата преземена во текот на наредните неколку години ќе биде клучна за да се осигура дека 1,2 милијарди млад луѓе кои ќе влезат на пазарот на трудот во економиите во развој до 2030 година, ќе придонесат и ќе имаат корист од работните можности во климатски паметна економија.