Вештачката интелигенција го забрзува развојот на лекови, а со тоа ќе се намалат и цените

Вештачката интелигенција го забрзува развојот на лекови, а со тоа ќе се намалат и цените

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Резултатите од најновото истражување на „Бостон консалтинг груп“ покажуваат дека употребата на вештачката интелигенција во истражувањата и развојот на лекови може да има револуционерни ефекти.

Зошто се скапи лековите?


Историски гледано, развојот на лекови е процес кој одзема многу време, скап е, неизвесен и често завршува со неуспех. Се проценува дека за развој на нов лек во просек се потребни 12 години и повеќе од милијарда евра. Покрај тоа, од 10 до 20 лекови што се откриени во лабораторија, само еден на крајот ќе стигне до пациентот - другите ќе бидат отфрлени во текот на развојот. Затоа не е чудно што успешните лекови се скапи, особено оние за ретки болести и индивидуализиран третман, кои не се масовно произведени.

Автоматизација на најпребирливите чекори

Сепак, авторите на истражувањето веруваат дека вештачката интелигенција ќе го револуционизира овој процес, најмногу преку автоматизирање на најпребирливите чекори, што треба да го скрати времето на развој на лекот и да ги намали трошоците. Со оглед на ова, не е чудно што првите 20 фармацевтски компании објавиле дека користат вештачка интелигенција во својата работа. Интересно е и тоа што големите компании честопати склучуваат партнерства со биотехнолошки стартапи специјализирани за вештачка интелигенција, т.н. биотехнологија базирана на ВИ.

Се вклучуваат и стартап-компании

Д-р Сања-Едуарда Кузет, менаџер во канцеларијата на „Бостон консалтинг груп“ во Загреб, вели дека во 2020 година повеќе од 65 отсто од одобрените лекови на пазарот потекнувале од биотехнолошки компании, што покажува дека денес повеќето иновации во фармацевтската индустрија се случуваат во мали фармацевтски компании, односно биотехнолошки компании.

- Свесни сме за брзиот развој на вакцината против ковид-19 во „Бионтек“, стартап-компанија која развива технологија за вакцини мРНА за борба против ракот - истакнала таа.

Можности за помалите компании


Зголемувањето на употребата на вештачка интелигенција во откривањето лекови отвора значителни можности не само за етаблираните фармацевтски компании, туку и за стартап-компаниите.

Кузет вели дека и покрај фактот што во моментов водат биотехнолошките стартапи, може да се размислува и за поширок опсег на стартап-компании кои развиваат вештачка интелигенција со примена во различни индустрии.

- Стартап-комапниите, благодарение на нивната агилност и иновативни пристапи, се добро позиционирани да користат вештачка интелигенција во брзиот развој на лекови. Во фармацевтската индустрија овој тренд е веќе видлив, имајќи предвид дека повеќе од 65% од одобрените лекови во последните неколку години потекнуваат од традиционалните фармацевтски компании, па дури и производителите на генерички лекови, како што се „Плива“ и „Белуп“, можат да ги обноват нивните развојни линии со комбинирање на нивните големи ресурси и искуство со најновата технологија за вештачка интелигенција. Оваа симбиоза може да ја зголеми ефективноста при откривање нови лекови, да ги намали трошоците и да ги зголеми вкупните стапки на успех на новите третмани - вели Кузет.

Вештачката интелигенција веќе е подобра од луѓето

Таа истакнува дека вештачката интелигенција веќе покажала значителен напредок во идентификувањето на потенцијалните кандидати за лекови, поефективни од оние што се добиваат со традиционални методи.

- Најчестите примери вклучуваат анализа на функцијата и интеракцијата на молекуларните процеси во организмот, со цел подобро да се разбере биологијата на болестите и да се идентификуваат нови цели и биомаркери за лекови, како и дизајн и оптимизација на нови молекули со помош на алгоритми за предвидување - објаснила Кузет.

Во новата студија експертите се фокусирале на стапката на успех на клиничките испитувања, со акцент на биотехнолошките компании што користат вештачката интелигенција и јавно достапните истражувачки податоци.

Молекулите откриени со помош на вештачка интелигенција имаат поголема стапка на успех

Анализата покажала дека молекулите откриени со помош на вештачка интелигенција имаат поголема стапка на успех низ фазите на клиничките испитувања во споредба со традиционалните методи. Најочигледната разлика е забележлива во раните фази на истражување, т.н. фаза 1, каде што лековите откриени со вештачка интелигенција покажуваат стапка на успех од 80 до 90%, значително повисока од историскиот просек од 40 до 55% за традиционално откриените лекови. Во клиничките испитувања во фаза 2, каде што целта е да се утврди биолошкиот концепт на лекот, стапката на успех е околу 40%, што е во согласност со историскиот просек на индустријата помеѓу 30 и 40%.

Сепак, интересно е што од шест молекули, кандидати за клинички испитувања во фаза 2, само две се откажани поради негативен резултат, додека четири испитувања се прекинати поради промена на деловните приоритети на компаниите, а не поради технички проблеми на вештачката интелигенција, што укажува на потенцијално поголем успех од 40%.

Удвојување на продуктивноста

Авторите на истражувањето во објавениот напис објаснуваат дека хипотетички може да се претпостави оти вкупната стапка на успех на клиничките испитувања може да се зголеми од просечни 5-10% на 9-18%. Ова би значело речиси двојно зголемување на продуктивноста на истражување и развој на лекови, што би имало огромни придобивки. Ова ќе им овозможи на компаниите да го постигнат истиот резултат со многу помалку ресурси и трошоци, односно речиси да го удвојат бројот на нови лекови лансирани со истите средства. За пациентите и здравствените системи, тоа би значело побрз развој на повеќе лекови и пониски цени.

Придобивка за пациентите

Кузет вели дека потенцијалот на вештачката интелигенција е исклучителен ако се земе предвид дека просечното времетраење на развојот на лекот е 10-15 години и дека трошоците можат да достигнат над 2,5 милијарди американски долари.

- Добрата вест е дека најмногу би имале корист пациентите, особено оние што боледуваат од ретки болести, за кои изработката на лекови е исклучително скапа. Поради малиот пазар, цените на таквите лекови достигнуваат милиони по третман. Со намалување на времетраењето и трошоците на развој, пациентите ќе можат да пристапат до поновата генерација на лекови, по значително пониски цени што здравствениот систем ќе може да ги финансира - вели Едуарда Кузет.

Извор: index.hr

Фото: Freepik