Која е најстарата боја во светот?

Која е најстарата боја во светот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците веруваат дека ја откриле најстарата боја во светот - светлорозовата.

Истражувачите откриле пигменти произведени од прастари микроскопски цијанобактерии, откако извадиле парчиња од 1,1 милијарда години стар морски црн камен, од песокот во Сахара во Мавританија.

Научниците изјавиле дека пигментите се најстарата биолошка боја и дека тие се постари над половина милијарда години од претходните слични откритија.

- Светлорозовиот пигмент на молекуларните остатоци од хлорофил произведени од фотосинтетски организам настанале во прастариот океан што одамна исчезнал - изјавила Нур Гуенели, научник од австралискиот национален универзитет, која го пронашла молекулот во текот на истражувањето.

Истражувачите го скршиле каменот стар милијарда години и од него извлекле и анализирале молекули на прастари организми.

Остатоците се движат од крваво-црвени до темнорозови во својата концентрирана форма, а светлорозови се кога се разредени.

- Прецизните аналии на прастарите пигменти потврдуваат дека цијанобактеријата доминирала во основата на синџирот на исхрана во океаните пред милијарда години, што помага да се објасни зошто во тој период не постоеле животните - вели Гуенели.

- Секое нешто има боја и боите нѐ враќаат на почетокот на времето. Правилниот термин со кој би се опишало откритието е дека тоа е најстарата органска биолошка боја - вели Јохен Брокс, германски научник и истражувач кој соработувал во истражувањето.

Тоа значи дека научниците пронашле молекул со биолошки пигмент стар повеќе од милијарда години што е зачуван до денес. Брокс вели дека тоа е исто како да сме пронашле остатоци од кожа на диносаурус стари 100 милиони години со недопрена боја на животните.

- Фактот дека ваквиот пигмент може да преживее толку долго време кај нас предизвикува љубопитност и чудење - вели Брокс.