Јоргос Арванитис - лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело на 40. „Браќа Манаки“

Јоргос Арванитис - лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело на 40. „Браќа Манаки“

Подготвил: С.Ѓ

Лектор: Ивана Кузманоска

Светски познатиот кинематографер Јоргос Арванитис е вториот добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело, што ќе му ја додели Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Тој ќе му се придружи на американскиот кинематографер Ед Лакман, кој исто така е лауреат на најголемата награда на фестивалот. 
Јоргос Арванитис е грчко-француски или француско-грчки кинематографер кој работел со големи филмски имиња, но и со оние што допрва доаѓаат, изјави директорката на фестивалот, Евгенија Теодосиевска.


Од прес-конференцијата на фестивалот „Браќа Манаки“

Преку видеопорака на прес-конференцијата што се одржа вчера Арванитис се заблагодари за наградата и истакна дека за него е голема чест да биде лауреат на еден толку стар и почитуван филмски фестивал каков што е „Браќа Манаки“.
Се обрати и Константинос Прокакис, советник за медиуми и комуникација во грчката амбасада во земјава, кој истакна дека се многу почестени што фестивалот, како многу позната и институција со голема историја, одлучи да го награди грчкиот кинематографер Јоргос Арванитис, а тоа ја удвојува почеста и за Грција и за добитникот.

Директорката Теодосиевска информира дека и Масимо Леки, биографот на Арванитис, ќе дојде и во Битола и ќе го води мастер-класот. Исто така, таа нагласи дека како селектор на документарната програма неодминливо вклучува и грчки документарни филмови заради подемот на овој жанр во грчката кинематографија.
„Документарниот филм особено се почитува во Грција, како од страна на филмските фондови така и од страна на филмаџиите и јавниот сервис, грчката телевизија, а се помогнати од многу спонзори што кај нас не е случај. Затоа и годинава ќе имаме и еден динамичен грчки документарен филм“, рече Теодосиевска.

Нема потреба да се истакнува дека Арванитис е големо име на грчката и светска кинематографија, особено со неговиот соработник - големиот режисер на европскиот и светски филм Тео Ангелопулос - рече Благој Куновски-Доре, уметнички директор на Фестивалот.
- Практично тие направија декалог како што Кишловски направи за Полска. Кога се работи за тандемот Ангелопулос – Арванитис, тоа е патување низ историјата, најчесто фрустрациите и траумите од окупацијата на фашизмот, потоа ослободувањето, обајцата се нескриени левичари со прогресивни сфаќања и практично сè започна со филмот од 1970 година - „Реконструкција“ - рече Куновски.

Нивните филмови биле најчесто промовирани на Канскиот филмски фестивал, каде што во 1998 година добија „Златната палма“ за филмот „Вечност и еден ден“. Арванитис соработувал и со легендарниот режисер Коста Гаврас.
Директорката Теодосиевска информира и за новите соработки на ИФФК „Браќа Манаки“ со фестивалот „Bacal“ од Барселона и со „Short waves“ од Познањ, Полска и уште еден детски фестивал од Чешка, кои ќе ја збогатат програмата на фестивалот.


Јоргос Арванитис

Исто така, од вчера најдобрите европски филмови што биле дел од програмата на „Браќа Манаки“ го почнаа своето патување низ градовите во Македонија.
- Нашата идеја е да се генерира што повеќе филмска публика онаму каде што нема постојана киноприкажувачка практика. Во периодот јули 2019-јуни 2020 низ повеќе градови во земјава ќе ги поттикнеме љубителите на филмот да ни се придружат и заедно да ги погледнеме сториите што ја освоија европската публика, зачинето со вкусот на домашното кино. Замислата ќе ја реализираме со поддршка на програмата „Медиа на Креативна Европа“, а во реализацијата ќе бидат вклучени членовите на тимот на ИФФК „Браќа Манаки“. Почнуваме со фестивалот „Дрим он“ во Струга - рече Теодосиевска.

Првите луѓе на Фестивалот им оддадоа почест и на неодамна починатите: Пјер Лом, лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело во 2017 година, професорот Стефан Сидовски – Сидо, филмски аматер, и македонскиот режисер Кирил Ценевски.