Слетување на Месечината: Што беше мисијата „Аполо 11“ во 1969 година?

Слетување на Месечината: Што беше мисијата „Аполо 11“ во 1969 година?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Мисијата „Аполо 11“ беше огромен момент во американската и светската историја, но што точно се случи и зошто е важно?

Зошто САД сакале да одат на Месечината?


По лансирањето на првиот советски сателит „Спутник“ во 1957 година, почнала вселенската трка помеѓу САД и тогашниот СССР. Кога Џон Ф. Кенеди станал претседател на САД во 1961 година, многу Американци сметале дека ја губат трката за супериорност на нивниот непријател од Студената војна.

Таа година Советскиот Сојуз го реализира првиот пилотиран вселенски лет. САД биле решени први да ја реализираат мисијата со човечки екипаж, па во 1962 година, во неговиот познат говор, Кенеди најави: „Избравме да одиме на Месечината!“

Вселенската трка продолжила и во 1965 година Советите успешно испратиле беспилотно летало до Месечината.

Како САД ја испланираа својата мисија?


Американската вселенска агенција НАСА посветила огромни ресурси на она што подоцна станало познато како програмата „Аполо“. Околу 400.000 луѓе работеле на 17 „Аполо“ мисии, по цена од 25 милијарди долари.


Фото: Wikipedia

Три астронаути биле избрани за „Аполо 11“: Баз Олдрин, Нил Армстронг и Мајкл Колинс. Силната ракета „Сатрун V“, ја носела командата и приложениот модул што требало да допре до Месечината.

Планот бил да се користи орбитата на Земјата за да се достигне до таа на Месечината, а потоа Армстронг и Олдрин да влезат во модулот и да се спуштат на површината на Месечината, а Колинс да остане зад модулот за командите и сервисниот модул.

Дали нешто тргнало наопаку?


Првиот екипаж што требало да го тестира одењето во орбитата бил „Аполо 17“ во 1967 година. Но, се случила несреќа за време на рутинските проверки пред полетувањето - командниот модул бил зафатен од пожар и загинале тројца астронаути.


Фото: Wikipedia

Вселенските летови со човечки екипаж беа суспендирани со месеци.

Во текот на мисијата „Аполо 11“ имало проблеми во комуникацијата со контролата на Земјата. А на компјутерот имало порака за аларм што екипажот никогаш претходно не ја слушнал.

Прошетка на Месечината


И покрај овие проблеми, на 20 јули - речиси 110 часа по напуштањето на Земјата, Нил Армстронг стана првиот човек што стапна на Месечината. 20 минути подоцна, истото го направи и Баз Олдрин.

Зборовите на Армстронг по овој историски подвиг влегоа во историјата на човештвото: - Ова е еден мал чекор за човекот, но огромен скок за човештвото.

Двајцата мажи поминале повеќе од два часа надвор од лунарниот модул, собирајќи примероци од површината, фотографирајќи и поставувајќи многу научни експерименти.

Повратното патување до Земјата почнало на 24 јули и екипажот се спуштил во Тихиот Океан.


Фото: Wikipedia

Околу 650 милиони луѓе низ светот го гледале слетувањето на Месечината. За САД, достигнувањето помогнало да ја покаже својата моќ пред светската публика. Исто така, ова беше важен поттик за националната самодоверба на крајот од бурната деценија.

Како знаеме дека навистина се случило?

Вкупно шест американски мисии овозможиле слетување на површината на Месечината до крајот на 1972 година, но до денес постојат теории на заговор што велат дека слетувањата биле наместени.

НАСА има извидувачко возило што орбитира околу Месечината уште од 2009 година. Ги испраќа назад сликите со висока резолуција, прикажувајќи знаци на истражување на површината од мисиите на Аполо, како што се стапала и траги од тркала.

Исто така, постојат геолошки докази од карпите донесени од површината.

Фото: Wikipedia

Која е целта на одењето на Месечината?

САД остануваат единствената земја што ги однела астронаутите на површината на Месечината.

Сепак, Русија, Јапонија, Кина, Европската вселенска агенција и Индија или испратија сонди за орбитирање на Месечината или поставиле возила на нејзината површина.

За една земја ова е знак за нејзината технолошка способност, што му дава членство во елитен клуб.

Исто така, постојат повеќе практични причини, како што е желбата да се искористат нејзините ресурси. Мразот што се наоѓа на двата пола е полесен за употреба за одење подлабоко во вселената, бидејќи содржи водород и кислород што може да се користат за гориво на ракети.

Постои и интерес за ископување злато, платина и ретки метали, иако сè уште не е јасно колку е лесно да се извлечат таквите ресурси.