Најпосакуваната работа за ова лето во Шпанија: За 3.000 работни места се пријавиле 90.000 луѓе

Најпосакуваната работа за ова лето во Шпанија: За 3.000 работни места се пријавиле 90.000 луѓе

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Речиси 90.000 Шпанци се натпреварувале за 3.000 работни места како редари на плажите. Работното место кое се состои од надзор на плажите и предупредување на туристите да се придржуваат кон мерките и да одржуваат растојание од 2 метра е најпосакувано ова лето.


За работата, пред сè, се пријавиле млади луѓе. Од една страна, тоа е така затоа што станува збор за напорна работа на горештина, а од друга страна, затоа што младите Шпанци се погодени од корона-кризата. Повеќе од милион ја изгубиле работата токму поради пандемијата, од кои половина се помлади од 35 години.

Работното време е од 9 до 15 часот, а платата е 1.500 евра месечно, што е натпросечно добро за шпански услови.

Работата редар на плажите ја смисли регионалната влада на Андалузија.

- Главната цел е да се спречи ширењето на заразата и да се овозможи безбедност на туристите - вели Ана Селија Гонзалес, директорка на Институцијата за цивилна заштита во Малага. Но, проектот е и за да ѝ се помогне на локалната туристичка индустрија да застане на нозе, бидејќи пред кризата во оваа индустрија работеле повеќе од 300.000 Андалузијци.

Засега Шпанија не бележи масовна посета од туристи, иако границите се отворени. Со оглед на тоа што туризмот учествува со 12 отсто од БДП, но и 13 отсто од сите вработени Шпанци, властите мора брзо да реагираат и да изготват стратегија за намалување на невработеноста, особено кај младите луѓе.

Извор: Detusche Welle
Фото: Pixabay