Пет работи што можеби не ги знаете за Ерлинг Холанд - норвешкиот фудбалски џин

Пет работи што можеби не ги знаете за Ерлинг Холанд - норвешкиот фудбалски џин

Последниот пат кога Норвешка учествуваше на Светското првенство во 1998 година, Ерлинг Холанд не беше роден.

Но, денес нордиската репрезентација, предводена од 25-годишниот напаѓач, се квалификува во четврт-финалето на Светското првенство, откако го елиминира петкратниот шампион Бразил, со головите на Холанд во завршницата од натпреварот.

Андроид, како што гласи неговиот прекар, е висок 1,94 метри и се бори за титулата најдобар стрелец на првенството.

Норвешка веќе испиша историја со тоа што првпат се пласира во четврт-финалето на Мундијалот, а би можела да оствари уште поголем подвиг доколку ја победи Англија на 11 јули и влезе во полуфиналето. Норвешките надежи повторно ќе бидат насочени кон Холанд, за кого ви откриваме пет работи што можеби не сте ги знаеле.

1. Роден во Англија

Холанд дебитираше за норвешкиот клуб Брин додека сè уште беше тинејџер во 2016 година.

Роден е во 2000 година во англискиот град Лидс. Неговиот татко, Норвежанецот Алф-Инге Холанд , кој беше дел од репрезентацијата на Светското првенство во САД во 1994 година, играше за клубот Лидс Јунајтед. Кога Ерлинг имаше само четири години, семејството се врати во градот Брин во Јужна Норвешка, каде што младиот Холанд почна да игра фудбал (и други спортови, како скокање и велосипедизам).

На 15-годишна возраст веќе играше за малиот клуб ФК Брин, кој низ својата историја се движеше меѓу втората и првата лига.

Денес тој е ѕвезда на англискиот Манчестер сити.

2. Гол-машина

На Светското првенство во 2026 година Холанд не го носи само товарот на сегашната генерација норвешки фудбалери, туку и бремето на сите поранешни играчи кои не успеаја да ги остварат своите соништа за настап на Светско првенство.

Освен што учествуваше на два последователни мундијали во 1994 и 1998 година, Норвешка имаше долги периоди на отсуство од големите меѓународни натпреварувања.

Пред Светското првенство во САД, Канада и Мексико, нејзиното последно учество на голем турнир беше Европското првенство во 2000 година.

Но, Норвешка сега има ѕвезда, чија слава брзо порасна во последните години. Напаѓачот на Манчестер сити постигна гол на секој од последните 14 официјални натпревари за Норвешка – вкупно 27 гола во тој период.

Тој има постигнато 62 гола на 54 меѓународни натпревари, со просек од еден гол на секои 71 минута.


3. Необична диета

Надвор од теренот, Холанд на социјалните мрежи споделува детали од приватниот живот, како што се некои специфични диети. Тој внесува околу 6.000 калории дневно. Се храни со некои необични извори на протеини: од говедско срце и црн дроб, па сè до суров мед и млеко.

-Правам сè што можам за да бидам најдобрата можна верзија од себе - вели Холанд во едно од видеата.

Се придржува до многу строги рутини, како што е исклучувањето на сите уреди ноќе и спиењето најмалку 10 часа. Но, тоа не е новина во неговиот живот.

-Тој е врвен професионалец. Додека ние игравме карти на патувањата, тој секогаш читаше научни текстови за тоа како да ги подобри сонот или исхраната. Секогаш трагаше по најситните детали што може да ги усоврши за да направи чекор напред - изјави неговиот поранешен соиграч Максимилијан Вебер.

4. Горд на презимето и корените

Бидејќи е роден во Лидс, Холанд можеше да избере да игра за Англија, но тоа никогаш не беше опција.

„И покрај статусот на глобална суперѕвезда, Холанд остана ист“, вели норвешкиот спортски новинар Андреас Корсунд за Би-би-си спорт.

„Тој одлично знае од каде потекнува и често го посетува својот мал роден град“.

„Инспириран е од викиншката историја на Норвешка и е исклучително горд што ја претставува својата земја.“

Токму таа поврзаност со корените го натера на задниот дел од репрезентативниот дрес да го носи презимето – Браут Холанд.

Браут е моминското презиме на неговата мајка, а комбинирањето со татковото е норвешка традиција. На Мундијалот во 2026 годин, Холанд на задниот дел од дресот ги носи и мајчиното и татковото презиме.

„Холанд ѝ значи сè на Норвешка“, вели Корсунд.

„За земја со нешто повеќе од 5,5 милиони луѓе да создаде еден од најдобрите фудбалери на планетата е навистина извонредно.“

Пред неколку месеци Холанд на аукција откупи ретка книга со викиншки саги од 16 век од делот на Норвешка каде што пораснал.

Изданието на хрониките на историчарот Снори Стурлусон од 1594 година го откупи за 1,3 милиони норвешки круни (околу 117.000 евра). Тој единствен зачуван примерок од книгата за средновековната нордиска историја Холанд ѝ го подари на библиотеката во местото каде што е роден.

5. Не е баш типичен Норвежанец


Благодарение на импозантната висина од 1,95 метри, градбата и долгата руса коса, Холанд стана еден од најпрепознатливите играчи во фудбалот. Неговата ѕвезда почна да блеска со доаѓањето во Манчестер сити, а со својата смисла за хумор, понекогаш типично англиска, ја освои наклонетоста на навивачите.

Неговиот јутјуб-канал, на кој објавува видеа со наслов „Еден ден во животот на Холанд“, има 1,6 милиони следбеници.

Се појави и во анимираниот филм Вајквинс, позајмувајќи го гласот за еден викинг со име – Холанд, се разбира.

„Во Норвешка постои извонредно чувство на гордост поради еден таков фудбалер.“

Извор: bbc
Фото: принтскрин/инстаграм