Туристите се жалеле на ѕвоната на кравите, па градоначалникот на Бергамо им возврати: „Кравите не знаат за нечуен режим“

Туристите се жалеле на ѕвоната на кравите, па градоначалникот на Бергамо им возврати: „Кравите не знаат за нечуен режим“

Неколку туристи го прекинаа својот летен одмор во Серина, место во северната италијанска покраина Бергамо, бидејќи им пречела бучавата од ѕвончињата на кравите.

Градоначалникот Микеле Виларбоито на поплаките одговори иронично, но и јасно порача дека природата нема да се прилагоди на туристите.

- Градоначалникот може да посредува за многу работи, но не можам да потпишам уредба со која би ја стишил природата или да им наредам на кравите да молчат - изјави Виларбоито.

Својот став дополнително го појасни на социјалните мрежи, каде што објави и сатирична илустрација.

- Се обидов да ги повикам кравите во општината за да потпишат договор за почитување на тишината, но тие ми одговорија само со неволно мукање. Овде сме на планина. Ѕвоната на кравите и мирисот на пасиштата се вклучени во цената на ноќевањето - додаде градоначалникот.

Во истиот духовит тон порача дека сѐ уште не успеале да ги научат кравите да преминат на нечуен режим на работа.

Градоначалникот смета дека поплаките на туристите укажуваат на поширок проблем. Според неговите зборови, сѐ повеќе луѓе природата ја доживуваат исклучиво како место за одмор, а не како вистински животен и работен простор.

- Нашите долини се работни простори. Овде земјоделците работат, овде живеат животните, а ѕвоната на кравите се дел од тоа - објасни Виларбоито и додаде дека многу жители од градовите се отуѓиле од селскиот живот, па им пречат дури и неговите вообичаени звуци.

Виларбоито нагласи дека сточарството на планинските пасишта не е само фолклорна традиција. Кравите ги одржуваат пасиштата, овозможуваат производство на локални прехранбени производи и го обликуваат пејзажот.

- Без стоката немаше да има уредени пасишта, свежо млеко ниту домашно сирење - порача тој и додаде дека мета дека оние што бараат тишина од животните всушност го загрозуваат планинскиот свет кој и самите дошле да го доживеат.

Ѕвоната на кравите имаат и практична цел, бидејќи на сточарите им помагаат полесно да ги пронајдат и заштитат животните на пасиштата.

На гостите на кои им пречи бучавата градоначалникот им нуди едноставно решение - прозорци со двојно стакло или чепчиња за уши, додека не се навикнат на она што тој го нарекува „гласот на Алпите“.

- Кој оди на море, не се жали на шумот на брановите. Кој летува на планина, мора да го прифати и звукот на ѕвоната од кравите - вели тој.

Извор: 021.rs
Фото: Magnific