Научниците случајно откриле како да ја сменат насоката на биолошкото стареење

Научниците случајно откриле како да ја сменат насоката на биолошкото стареење

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Фото: Depositphotos/evgenyataman

Во обид да ја регенерираат тимусната жлезда, истражувачите од Универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес пронашле решение со кое би можел да се забави процесот на стареење, па дури и да се пренасочи, тврди новото истражување.

Во рамките на истражувањето, во период од една година, научниците тестирале коктел од три вообичаени лека - хормони за раст и два лека за дијабетес за да ја стимулираат регенерацијата на тимусната жлезда. Истражувачите откриле дека учесниците изгубиле во просек по две и пол години од нивниот „епигенски часовник“ преку анализа на трагите од гените на некоја личност.

- Очекувавме дека ќе го забавиме биолошкиот часовник, но не и дека ќе ја смениме насоката. Сето тоа е некако футуристичко - изјави истражувачот Стив Хорват од Универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес.

Истражувачите предупредуваат дека наодите се прелиминарни бидејќи во истражувањето имало само девет учесници и не вклучувало контролна група, но како што се потврдило - влијанието на здравствената заштита и потенцијалот да се влијае врз процесот на стареење може да биде огромен.

Епигенскиот часовник се мери со запис на хемиските промени во ДНК-структурата на организмите. Главната цел на истражувањето било тестирањето - дали хормонот за раст може да се користи за обновување на ткивото во тимусната жлезда, која е клучна за имунолошката функција. По пубертетот жлездата почнува да се намалува.

Претходните истражувања покажаа дека хормонот за раст ја поттикнува регенерацијата на тимусната жлезда, но може и да предизвика дијабетес, па поради тоа се вклучени лековите за дијабетес во истражувањето.

Научниците ги испитувале епигенските часовници кај доброволци и заклучиле дека кај секој учесник значително се промениле во текот на процесот.

- Ова покажува дека биолошкиот ефект на лекување е силен - изјави Хорват.