Корисниците на „ајфон“ трошат 7 пати повеќе пари за апликации отколку корисниците на „Андроид“
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Корисниците на „ајфон“ сакаат да трошат, а тоа го покажуваат и нови истражувања кои велат дека тие трошат 7 пати повеќе на купување апликации во споредба со андроид-корисниците.
Хорас Дедиу од компанијата „Асмико“, познат по макотрпните и детални анализи поврзани со уредите на „Епл“, истакна дека пред овие податоци да бидат достапни за анализа, тој се потпирал на едноставно правило.
- Пред најмалку 10 години почнав да слушам анегдоти на програмери кои правеа апликации за iOS и „Андроид“ за нивната економска исплатливост. Приказната беше дека обично имале двапати повеќе корисници што користат „Андроид“, но дека приходите од продавницата за апликации на „ајфон“ биле најмалку двапати поголеми од онаа на „Гугл“ - изјавил тој.
Од тоа извел правило според кое корисник на „ајфон“ е околу пати повреден од корисник на „Андроид“. Дупло помал број корисници плаќаат 4 пати повеќе, што значи дупло поголем приход.
Една деценија подоцна достапни се многу повеќе податоци и Дедиу вели дека тоа му овозможило да го пронајде бројот за кој верува дека е далеку поточен.
„Епл“ тврди дека има 650 милиони активни корисници на продавницата за апликации, додека „Гугл“ тврди дека има 2,5 милијарди активни корисници. Затоа глобалниот однос е 4Х во корист на „Гугл андроид“ заедницата. Односот на остварениот приход останал исклучително стабилен, а податоците за остварен приход во 2016 година покажуваат дека тој однос на заработка меѓу „Епл“ и „Гугл“ е 29:15 (1,93), додека во 2022 година бил во однос 81:48 (1,93).
На тој начин можеме да го споредиме приходот од продажбата на апликации по корисник на двете водечки мобилни платформи, така што ќе го поделиме вкупниот износ на остварени приходи со вкупниот број корисници на платформата.
Така се добива бројката од месечен приход по корисник од 10,40 долари за корисниците на „ајфон“ и 1,40 долари за корисниците на „Андроид“. Во тој износ не е вклучена претплатата за услугите на „Епл“.
Со тоа сликата станува појасна. Корисник на „ајфон“ е до 7,4 пати повреден за софтверските компании од просечен корисник на „Андроид“.
Дедиу гледа голем профит и потенцијал и во апликациите „Вижн про“, а изразува оптимизам и за проектот „Епл Вижн про“, сугерирајќи дека ова би можело да генерира и до 10 пати поголем приход.
Додека се радуваме на доаѓањето на технологиите за виртуелна реалност (ВР), идејата за зголемувањето на просечната потрошувачка од 10 долари месечно за потребите за работа на мобилниот телефон на можеби 100 долари месечно за импресивно 3Д ВР-искуство од 360 степени не звучи премногу лудо и нереално.
Сепак, тој износ е прилично голем и за корисниците што плаќаат повеќе од 3.500 долари за едни слушалки, но нема сомнеж дека Дедиу е во право кога вели дека клучот на сето ова е привлекување на оние купувачи што се подготвени да потрошат најмногу на апликации, а „Епл“ во тоа има завиден успех.
Извор:
Benchmark
Насловна фотографија: Unsplash