Шест години лажела дека го преживеала 11 септември на 78. кат од кулата, станала и претседателка на здружението на жртвите
Каталонката Алисија Естеве шест години се претставувала како Тања Хед, жена која ги преживеала терористичките напади на 11 септември и го изгубила свршеникот во урнатините на Светскиот трговски центар. Станала дури и претседателка на здружението на преживеаните, а нејзината грижливо изградена мрежа од лаги се распаднала дури во 2007 година. Режисерот Кике Маиљо во новиот документарец „Преживеаниот“ истражува како успеала толку долго да ги мами јавноста и луѓето кои навистина ги преживеале нападите.
Тања Хед тврдела дека била меѓу 18. лица што преживеале на 78. кат од јужната кула на Светскиот трговски центар, над местото во кое на 11 септември 2001 година удри вториот киднапиран авион. Според нејзината приказна, маж на умирање ѝ го предал венчалниот прстен за да ѝ го врати на неговата сопруга, а низ скалите ѝ помогнал човек чија облека горела. Велела и дека во нападот врз северната кула го изгубила свршеникот Дејвид.
Благодарение на таа потресна приказна, станала претседателка на Здружението на преживеаните од Светскиот трговски центар, а се сретнала и со Руди Џулијани, тогашниот градоначалник на Њујорк. Но ништо од тоа не било вистина, пишува Еуроњуз.
На денот на нападот била во Барселона
Тања Хед всушност била Алисија Естеве, млада жена од Барселона која во времето на нападот посетувала постдипломски студии во тој град. Никогаш не била во кулите на Светскиот трговски центар. Не постоела ни нејзината наводна врска со Дејвид Скот Суарез, вработен во „Делојт“, кој загина во нападот и за кого тврдеше дека ѝ бил свршеник. Неговото семејство, како ни компанијата во која наводно работела, никогаш не потврдија дека меѓу нив постоела каква било врска. Лагата опстанала сè до 2007 година, кога ја разоткриле новинарите на „Њујорк тајмс“, Дејвид В. Данлап и Серж Ф. Ковалески. Имале сомнеж дека одделни делови од нејзината приказна не се совпаѓаат, а нивната истрага на крајот го открила нејзиниот вистински идентитет.
Набрзо потоа на форумите на преживеаните почнало да се шири тврдење дека Естеве извршила самоубиство, но таа информација никогаш не е потврдена.
Дваесет и пет години по нападот, режисерот Кике Маиљо, роден во Барселона и познат по филмовите „Ева“ и „Торо“, со оваа приказна се занимава во документарецот „Преживеаниот“. Со тоа продолжува да го истражува светот на измамите и лажните идентитети.
Алисија Естеве одбила да учествува во филмот и да го покаже лицето, па Маиљо ја ангажирал глумицата и комичарка Хана Бекер. Таа реконструира делови од приказната кои никогаш не биле снимени, ниту објаснети во вистинско интервју, потпирајќи се на директни извори како записите на Естеве и снимки од разговорот од терапиите.
Режисерот отпатувал и во САД за да разговара со луѓе кои добро ја познавале Тања Хед. Меѓу нив се преживеаните членови на здружението, нејзиниот некогашен претседател, кого го заменила, како и психологот Сем Кедем, кој ја лекувал како жртва на нападот, без притоа да забележи нелогичности во нејзината приказна. Нивните мислења за неа значително се разликуваат. Едни ја паметат како жена желна за внимание, додека други велат дека здружението не би остварило ни приближно еднакво влијание, ниту резултати без нејзината посветеност. Тврдат дека од измамата не заработила.
Документарецот, кој трае 88 минути, не се обидува само да открие каде се наоѓа Алисија Естеве денес. Неговата главна цел е да разбере како шест години успевала да одржува целосно измислен идентитет и лажна траума, без притоа да предизвика посериозен сомнеж.
Фото: принтскрин/јутјуб