Доказ за еволуцијата кој можете да го видите на вашето тело

Доказ за еволуцијата кој можете да го видите на вашето тело

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Може да звучи малку навредливо, но вашето тело е музеј полн со остатоци. Од вашите умници до тоа како некои од нас можат да мрдаат со ушите, толку многу нешта го отсликуваат она што на нашите предци им било потребно за да преживеат.

Како што се објаснува во ова видео, чудните остатоци што останале само затоа што „не биле толку вредни“ да исчезнат во изминатите милијарди години имаат смисла во рамката на еволуцијата.


Еве еден пример со кој можете да видите самите: ако ја држите раката исправена и го допрете палецот со малиот прст, веројатно ќе видите поткрената мускулна жила на средината на внатрешната страна од вашата рака.

Ако го немате тоа, вие сте меѓу оние 10-15 отсто од луѓето на Земјата што биле родени без оваа забележлива црта на едната или на двете раце.

Оваа мускулна жила е поврзана со мускулот palmaris longus, кој го имаат повеќето од нас, но изгледа нема одредена причина зошто постои. Како што е објаснето во видеото, истражувањата покажале дека присуството на овој мускул на нашата рака не ни дава поголема сила за разлика од луѓето родени без овој мускул.

Всушност, овој мускул е толку небитен, па хирурзите често го отстрануваат и го користат во реконструктивните или пластичните операции на другите делови од телото.

Па зошто имаме такво бескорисно парче ткиво во нашите тела?

Научниците утврдиле дека иако мускулот palmaris longus е присутен кај многу видови цицачи, тој е најразвиен кај оние што ги користат рацете за движење, како лемурите и мајмуните.

Исто така, некои луѓе можат да мрдаат со ушите. Тоа е демонстрација како уште еден еволутивен остаток преминал од „клучен дел од опремата“ за нашите предци до трик за кој никому не му е гајле.

Како што многу денешни животни се потпираат на движењето на нивните уши за подобро да го лоцираат изворот на звук, така суштествата од кои сме еволуирале ја користеле таа способност пред многу години.

И како што гледаме, не сме ја загубиле целосно таа „опрема“ што ја користеле нашите предци.