Оваа африканска земја е втор најголем извозник на автомобили во ЕУ
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
По Кина, најголем извозник на автомобили во Европската Унија е Мароко. Оваа африканска земја во 2023 година извезла 536.000 автомобили во ЕУ, најмногу во Шпанија, Франција, Германија и во Италија.
Според „ЕУ опсервер“, лани во Мароко биле произведени 700 илјади возила, а на европскиот пазар биле извезени 536 илјади. Извозот на мароканската автоиндустрија во ЕУ изнесувал 15,1 милијарди евра, што претставувало 30-процентен пораст во споредба со 2022 година. Пред Мароко на листата е само Кина со 782 илјади извезени автомобили во ЕУ во 2023 година.
Кога станува збор за произведените возила, првото место во Африка го држи Јужноафриканската Република, но и по тој критериум се очекува Мароко да го заземe првото место.
„Африка њуз“ во еден текст објави дека значителна улога во Мароко имаат француските фабрики. Во нив, меѓу другото, се произведуваат рено клио, дачија сандеро и дачија џогер. „Стелантис“ во Мароко произведува и пежоа, опели и фиати, а кинеските, јапонските, американските и корејските производители произведуваат многу делови. Кинескиот „Би-уај-ди“ долго време најавуваше и изградба на фабрики, но тоа сè уште не се случило.
Аналитичарите очекуваат мароканскиот извоз на автомобили да продолжи да расте, а со него и процентот на електрични возила.
Мароканскиот министер за индустрија и трговија Ријад Мезур планира 60 проценти од годишното производство на автомобили до 2030 година да се електрични. Мнозинството ќе се извезуваат во Европа.
Мароко стана клучен сојузник на ЕУ во контролата на миграциите и борбата против тероризмот и е главен трговски партнер на ЕУ во африканскиот регион Магреб. Во рамките на трговскиот договор со Брисел, Мароко има повластен пристап до пазарот на ЕУ. При неодамнешната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Мароко биле потпишани повеќе од 20 инвестициски договори. Тоа вклучува и партнерство за обновлива енергија вредно 3,5 милијарди евра.
Макрон, исто така, го потврди новиот став на Франција дека Западна Сахара, спорна територија меѓу Мароко и Мавританија, треба да биде под контрола на Мароко. И Шпанија го призна правото на Мароко над Западна Сахара.
Извор:
Forbes
Фото: Freepik