Од еден остров отстраниле 131 мачка, а потоа се случило нешто што ги изненадило дури и научниците
На едно јапонско островче научниците со години се обидувале да спасат птици што биле на работ на истребување. Нивниот број толку многу се намалил, што опстанокот на целата популација бил сериозно загрозен. Меѓутоа, откако од островот биле отстранети мачките, ситуацијата неочекувано се променила.
Приказната доаѓа од јапонскиот архипелаг Огасавара, оддалечен околу 1.000 километри од главниот јапонски остров Хоншу. На овие острови живее редок подвид на шумски гулаб со карактеристична црвеникава глава, каков што не може да се сретне на друго место во светот.
Овие птици со децении биле изложени на многу закани. Уништувањето на шумите го намалувало нивното природно живеалиште, додека домашните мачки што луѓето ги донеле на островите станале една од најголемите закани за нивниот опстанок.
Ситуацијата станала толку сериозна, што во 2008 година бројот на преостанатите гулаби бил проценет на помалку од 80. Подвидот бил на самиот раб на исчезнување.
Затоа, во 2010 година на островот Чичиџима започнала интензивна акција за фаќање на подивените мачки. Во текот на следните три години биле фатени 131 мачка, со што нивниот број на островот бил намален на помалку од 20.
Во истиот период бројот на забележани возрасни гулаби се зголемил од 111 на 966, додека бројот на младите птици пораснал од 9 на 189.
Тоа бил огромен успех во заштитата на природата, но истовремено ги збунил научниците. Како популација што претрпела толку драстичен пад успеала да закрепне толку брзо?
Генетска тајна што ги изненадила научниците
Кога бројот на единки од некој вид драстично ќе се намали, преостанатите животни често се принудени да се размножуваат со блиски сродници. Тоа ја зголемува веројатноста потомството да наследи штетни генетски мутации, што може да доведе до болести, намалена способност за размножување и дополнително опаѓање на популацијата.
Меѓутоа, кај гулабите од Огасавара се случило нешто поинакво.
Научници од Универзитетот во Кјото, предводени од истражувачот Даичи Цуџимото, одлучиле да ја истражат генетската основа на нивното закрепнување.
Во истражувањето објавено на 15 јули 2025 година во научното списание „Комуникејшнс бајолоџи“, истражувачите ги анализирале геномите на дивите гулаби и на единките одгледувани во заробеништво, а потоа ги споредиле со геномите на нивните пошироко распространети сродници, јапонските шумски гулаби.
Откриле дека повеќе од 80 отсто од геномот на загрозените гулаби бил во хомозиготна состојба, што укажува на долготрајно размножување меѓу блиски сродници.
Сепак, и покрај тоа, овие птици имале помалку изразени штетни мутации од нивните пошироко распространети сродници.
Научниците сметаат дека објаснувањето лежи во нивната долга еволутивна историја.
Имено, гулабите од Огасавара со векови живееле во мали, изолирани популации, многу пред човечката активност да го загрози нивниот опстанок.
Во текот на многубројните генерации природната селекција веројатно постепено отстранувала дел од штетните рецесивни мутации од нивната популација. Овој процес е познат како генетско прочистување.
Благодарение на тоа, птиците можеби биле поотпорни на последиците од размножувањето меѓу сродници отколку што би се очекувало кај вид што претрпел толку сериозно намалување на популацијата.
Кога бил отстранет еден од главните причинители за нивната смртност, односно подивените мачки, популацијата можела многу побрзо да се обнови.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека овие резултати не значат дека размножувањето меѓу сродници е безопасно. Напротив, тоа претставува сериозна опасност за многу загрозени видови, а ефектите од генетското прочистување зависат од специфичната еволутивна историја на секоја популација.
Приказната од јапонските острови има уште еден важен детаљ. Мачките што биле фатени не биле убивани во рамките на програмата за заштита на птиците. Тие биле префрлани на главното јапонско копно, каде што со помош на ветеринари се навикнувале на живот со луѓе и потоа биле вдомени.
Така, програмата за заштита на природата настојувала истовремено да ги сочува загрозените птици и да обезбеди нов дом за мачките што претставувале закана за локалниот екосистем.
Истражувањето покажа колку историјата на еден вид може да влијае врз неговата способност да преживее дури и во најтешките околности.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific