15-милионски град што тоне

15-милионски град што тоне

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Тој е најнаселениот град во Западна Азија и тоне со алармантна брзина. Техеран, главниот град на Иран, е дом на околу 15 милиони луѓе и е жртва на драматично тонење, открива ново истражување. Тоа предизвикува регионот во некои делови да тоне по повеќе од 25 сантиметри годишно.

Користејќи сателитски податоци, истражувачите од германскиот Истражувачки центар за геонауки во Потсдам го анализирале степенот на тонење во регионот на Техеран во периодот меѓу 2003 и 2017 година.

Благодарение на техника што може да детектира промени во деформацијата на земјиштето со текот на времето, тимот идентификувал три различни области каде што земјата тоне по повеќе од 25 сантиметри годишно.

Која е причината за оваа нестабилност? Историјата на забрзан прилив и придружната претерана употреба на природните ресурси.

- Брзиот раст на населението во последните децении, во комбинација со урбаниот и индустриски развој, ја зголеми потребата за ресурси од вода во областа на Техеран. Како резултат на екстензивното исцрпување на подземните води, рамнината доживува брзо тонење на земјиштето - наведуваат авторите во нивното дело.

Фото: Science Alert

Според истражувачите, растот на економијата и населението во Техеран од 60-тите години наваму резултирал со тоа што во 2012 година имало повеќе од 32.000 бунари. Во 1968 година имало помалку од 4.000.

Ова, заедно со изградбата на голем број брани во регионот за доброто на земјоделството, помогна да се исцрпат подземните води, предизвикувајќи не само недостиг од вода, туку и вакви драматични несакани ефекти.

Авторите објаснуваат дека нивото на подземна вода во Техеран се намалило за околу 12 метри од 1984 до 2011 година.

- Освен ако не се имплементира ефективен менаџмент на подземните води, се очекува тонењето во Техеран да предизвика дополнителна штета на инфраструктурата - предупредуваат тие.