Три места празно, па Шведска, па сите други во спроведувањето на климатските политики

Три места празно, па Шведска, па сите други во спроведувањето на климатските политики

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Шведска го задржа највисокото место на листата со земји по мерките за сузбивање на климатските промени, покажа извештајот објавен вчера. Во Индексот за перформанси во климатските промени, Шведска го зазеде четвртото место, а првите три се празни затоа што ниедна земја немала добри резултати во сите проценети категории.

Македонија, како и останатите земји од Западниот Балкан, не беше опфатена во Индексот спроведен од Новиот климатски институт, Климатската акциона мрежа и германската организација „Џерманвоч“.

Од регионот најдобро е рангирана Хрватска и се наоѓа на 14. место. По неа следуваат Романија на 20. место, Грција на 30. место, Бугарија на 40. место, Унгарија на 42. и Словенија на 43. место.

1
Фото: Тhinkstock


Веднаш зад Шведска се наоѓа Мароко, која високата позиција ја заработи затоа што го зголеми уделот на обновлива енергија.

ЕУ се искачи од 21. на 16. место, додека Германија падна од 22. на 27. место поради потпирањето на лигнит, што е значаен извор на емисии на стакленички гасови.

САД паднаа од 56. на 59. место, со што продолжува овој тренд по повлекувањето на оваа земја од Парискиот климатски договор. Одбивањето на Трамп да признае дека климатските промени се предизвикани од човечки активности и укинувањето на прописите за намалување на штетните емисии доведоа до ниски позиции на оваа земја.

Од опфатените земји, Саудиска Арабија се наоѓа на последното, 60. место, поради емисијата на штетни гасови, начинот на употреба на енергијата, процентот на обновлива енергија, како и климатската политика, со оглед на негативната улога во меѓународните преговори за климата.