Конечно знаеме од каде дошол џиновскиот сплав од вулканска карпа што се движи кон Австралија

Конечно знаеме од каде дошол џиновскиот сплав од вулканска карпа што се движи кон Австралија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Конечно е познато потеклото на големиот сплав од вулканска карпа што се појави во Тихиот Океан пред неколку месеци. Овој сплав од пемза бил создаден при ерупција на подводен вулкан, кој се наоѓа на оддалеченост од 50 километри од брегот на островот Вавау во Тонга - во чија околина беше забележан на сателитските снимки од 8 август.

Токму сателитските снимки му помогнале на тимот од меѓународни геолози да го идентификува изворот на пловечката карпа. На 6 август сателит на Европската вселенска агенција фатил две јасни траги од ерупција на површината на океанот. Овие прстени од чад биле лоцирани директно над подводен вулкан од вулканскиот синџир Тофуа. Претходно неименуваниот вулкан сега е именуван Вулкан Ф од страна на истражувачите.

Тимот исто така собрал податоци од станиците што ги следат сеизмичките промени. Вулканската активност обично е придружена од сеизмичка активност.

Фото: Science Alert

- За жал, густината на такви станици во регионот е многу мала. Имаше само две станици кои снимија сеизмички сигнали на вулканска ерупција. Сепак, нивните податоци се усогласени со Вулкан Ф како извор - истакнува геологот Филип Брандл од ГЕОМАР - Хелмхолц центар за океански истражувања во Кил, Германија.

Користејќи сонар, тимот претходно го истражувал морското дно околу вулканот во декември 2018 и јануари 2019 година. Тие податоци откриле голема централна вулканска калдера со големина од 8 на 6 километри, со дно 700 метри под површината. Врвот на конусот на калдерата бил само 35 метри над површината во 2004 година.

Фото: Science Alert

Самата карпа е високо порозен камен со мала густина наречен пемза. Тој се создава при вулкански ерупции, кога екстремно жешката растопена карпа под притисок е насилно исфрлена од вулкан и потоа брзо изладена. Ова предизвикува ефект на пенење во лавата, која лови меурчиња од вулкански гас додека се лади.

При вулканските ерупции може да се создадат големи количини на пемза. Сплавот од пемза создаден од Вулканот Ф на почетокот зафаќаше површина од 136,7 квадратни километри (околу три четвртини од големината на Вашингтон), но потоа малку ја промени големината. Проценетиот минимален волумен на пемзата е 8,2 милиони до 41 милион кубни метри.

Џиновскиот пловечки сплав од вулканска карпа оди кон брегот на Австралија, зголемувајќи ги надежите дека може да биде од корист за загрозениот Голем корален гребен.

Откритието дека овој вулкан создал пемза е уште еден дел од сложувалката. Иако само е именуван, вулканот всушност беше откриен во 2001 година, откако испуштил голема количина пемза. Била потребна една година, но сплавот од пемза на крајот стигнал до источниот брег на Австралија во октомври 2002 година со камења покриени со алги, школки, црви и корали (види слика подолу) кои пловечките карпи ги направиле нивен дом.

Фото: Science Alert

Отпадот од овогодишната ерупција се очекува да пристигне многу побрзо. Според брзината, сплавот треба да стаса до Големиот корален гребен кон крајот на јануари и почетокот на февруари.

Поради очигледното значење за морската екологија и поради тоа што вулканот изгледа многу активен, истражувачите велат дека со сигурност ќе им го привлече вниманието на научниците. Тие се надеваат дека кога ќе стигне до копното, ќе можат да соберат неколку примероци за да ја проучат геохемијата на пемзата.